Заменикот-министер за труд и социјална политика, Диме Спасов, ги повикал вработените во министерството да не постапуваат по известувањето кое им го пратила новата министерка Фросина Ременски, јавува ПлусИнфо.
-Ве информирам дека известувањето кое е испратено на 15 ноември 2015 година во 12 часот од страна на Наташа Методиева од кабинетот на техничкиот министер за труд и социјална политика Фросина Ременски, а во кое незаконски ви се укажува Вашите одговори на барања на граѓани да ги упатувате на одобрување кај лицето Мила Царовска, лице кое не е вработено во Министерството за труд и социјална политика, нема никаква правна сила и имате право и должност да не постапувате по него, стои во дописот од заменикот Спасов.
Во дописот уште е наведено дека известувањето од министерката Ременски нема законски основ и форма и претставува прекршување на поголем број на законски одредби.
-Известувањето претставува груб обид за партизација на институциите и прекршување на правата и слободите на граѓаните, нешто што нема да го дозволам. Постапувањето по тоа известување може да повлече законска одговорност. Ве охрабрувам Вашите работни задачи, како и досега, да ги извршувате стручно и професионално, и да продолжите да работите во интерес на граѓаните, за што имате видливи резултати кои никој не може да Ви ги оспори, се наведува во дописот потпишан од Спасов.