Заменикот на Зврлевски треба да има искуство од најмалку осум години, ако е професор најмалку десет години

by fokus

Меѓу првите точки за кои ќе расправаат пратениците по враќање назад во Собранието од нивните годишни одмори, е и точката за распишување на оглас за именување на нов Јавен обвинител. Довчерашниот шеф на јавното обвинителство, Марко Зврлевски, беше разрешен непосредно пред Собранието да се распушти за годишните одмори. Во меѓувреме функцијата ќе ја врши вршител на должност од редовите на јавните обвинители, а Советот за јавни обвинители денеска ќе одлучи кој ќе биде привремен заменик на Зврлевски.

Според препораките од Владата од новиот републички јавен обвинител се очекува активно да го владее македонскиот јазик, да е работоспособен и да има општа здравствена состојба. Од неговите професионални квалификации потребно е да има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник, или нострифицирана диплома од странство. Освен тоа потребно е да има положено правосуден испит во Република Македонија и да има работно искуство од најмалку осум години со потврдени резултати на правни работи. Доколку доаѓа од професорската фела, пак, треба да има десет-годишно искуство во предавање на правен предмет од правосудната практика како редовен или вонреден професор.

Оваа точка пратениците ќе ја разгледуваат во понеделник. На првиот работен ден по одморите пратениците во матичните комисии ќе ги разгледуваат извештаите на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, а следниот понеделник, на 11-ти септември, на дневен ред ќе бидат три интерпелации покренати од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, против министрите: Љупчо Николовски, Мила Царовска и Никола Димитров.

Поврзани новости