Антикорупциска денеска ќе ги „враќа назад“ разрешените функционери на ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

Комисијата за спречување на корупција денеска ќе одржи јавна седница на која ќе разгледа неколку приговори во врска со разрешувањето на претходните функционери на државните институции поставени од ВМРО-ДПМНЕ и именувањето на нови од страна на Владата предводена од СДСМ.

Приговорите се однесуваат на член 8-а од Изборниот законик, на кој често се повикуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за време на собраниската расправа за разрешување на Марко Зврлевски, од функцијата републички јавен обвинител. Конкретниот член предвидува дека по распишување на избори не може „да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи“.

Антикорупционерите прво ќе го разгледуваа приговорот на Димче Стојаноски од Кичево против Генерален секретаријат – Влада на Република Македонија. Втор на дневен ред е приговорот на Слободанка Алексовска против Агенција за вработување на Република Македонија, а трета точка е приговорот на адвокатот Александар Колевски и други против Генерален секретаријат – Влада на Република Македонија.

Комисијата веќе едногласно го кажа своето мислење со тоа што одлучи дека разрешувањето на Зврлевски е незаконско во период по распишување на изборите. Од таму неколку пати го повторија својот став дека било какво разрешување по распишување на изборите е спротивно на Изборниот законик.

Поврзани новости