Заменик претседателот Адеми открива и „женски суети“ и судир меѓу Дамева и Црвенковска

by fokus

Заменик-претседателот на Судскиот совет, Селим Адеми, кој го иницира разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева денеска во интервју за „Порталб“ за прв пат даде изјава по  контроверзното разрешување на Дамева, кое го предводеше токму тој.

Тој се согласува дека со Законот за Судскиот совет не е предвидено разрешување на претседателот на ова тело, но даде и свое толкување и рече дека тоа што разрешување не е предвидено, не значи дека е забрането. Толкувајќи го Законот, Адеми вели дека Судскиот совет одлуките ги носи со мнозинство гласови, па така било и со разрешувањето на Дамева.

Но, освен овие две пораки Адеми во разговорот за Порталб зборува и за нарушените меѓучовечки односи во Советот, конкретно нарушените човечки односи меѓу сега разрешената претседателка, Дамева и претходната претседателка на Судскиот совет, Павлина Црвенковска.

Според неговите тврдења, станувало збор за „женски суети“ односно нетрпеливоста на дел од женскиот дел од членовите на Советот траеле повеќе од две години. На една страна биле членовите, Лорета Горгиева и Црвенковска, а на друга страна била Дамева.

Адеми тврди дека додека претседавала Црвенковска, Дамева и правела проблеми, а сега на секоја седница меѓусебно се обвинувале. Наводно, Црвенковска си поднела оставка поради Дамева.

Црвенковска си поднесе оставка на 29 ноември минатата година и тврдеше дека веднаш по нејзиниот избор на функцијата започнала медиумска хајка со крајна цел да даде оставка затоа што нејзниот избор за претседател не одговарал на група од судската – бизнис елита.

-До ден денешен хајката не престана преку пласирање лажни информации до новинари, а во континуитет се опструираа и намерно се одолговлекуваа внатрешните процеси во Советот, кои се од клучно значење за успешно завршени задачи и за функционирањето на судството. Последен пример со лажно брифирање на новинарите беше околу тоа дека е моја незаконската одлука за избор на член во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, иако јас ниту го предложив, ниту го гласав членот на Судскиот совет, Зоран Герасимоски. Се надевам дека идниот претседател ќе биде подобен за оваа судско – бизнис елита. Благодарна сум на оние колеги кои покажуваа почит и ме подржуваа во намерите нешто да промениме, но сепак Советот како колективно тело одлучува по која патека ќе се движи судството, наведе Црвенковска во оставката.

Дамева, откако беше избрана, неколку пати ја повика Црвенковска да каже за кои судско-бизнис елити мисли во оставката што ја поднесе, а нивната нетрпеливост можеше да се забележи и на седниците.

И двете беа избрани во Собрание, не од редот на судиите.

Поврзани новости