Замената на „гласачи“ со „лица“ го урна тендерот за фингерпринтови

by fokus

Државната изборна комисија денес ќе објави оглас за спроведување на нова тендерска постапка за набавка на апарати за отпечаток од прст за претстојните локални избори, откако претходната постапка вредна 720 милиони денари беше поништена, вели за Фокус претседателот на ДИК Александар Даштевски.

Се работи за технички пропуст кој доколку останеше можеше да доведе до ситуација на тендерот да аплицираат компании чија дејност не е директно поврзана со предметот на набавката – ни изјави Даштевски, без да навлегува во детали.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, пред два дена е објавената одлуката на ДИК за поништување на тендерската постапка за набавка на интегриран систем за биометриска идентификација на гласачите, со образложение дека „тендерската документаци содржи битни пропусти или недостатоци“.

Во фазата на прибирање на понуди по објавениот оглас за јавна набавка, Комисијата утврди дека тендерската документација содржи неправилности и сторени се битни пропусти, на начин на кој не се целосно испочитувани начелата од Законот за јавните набавки и Изборниот законик“, стои во образложението на Комисијата, објавено од страна на Бирото.

Според неофицијални информации од ДИК, поништувањето на оваа постапката е поради фактот што во тендерската документација се употребува формулација „електронска иденфитикација на лица“, наместо „биометриска идентификација на гласачи“, што, според ДИК, можело да привлече компании кои немаат врска со набавката.

Под лица се подразбираат сите лица, вклучително и лица кои немаат право на глас, како лица под 18 години, деловно неспособни лица итн, кои не спаѓаат во категоријата на гласачи. Покрај тоа, доколку останаше терминот „електронски“ наместо „биометриски“ ќе се косеше со повеќе члена од Изборниот законик – велат нашите извори.

В.С.

Поврзани новости