Деновиве ќе биде познато дали некој ќе одговара за бегството на Мијалков

by fokus

Каде на 48 часа исчезна екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, додека по него трагаше цела држава? Ова прашање деновиве ќе треба да го одговори обвинителството, бидејќи предистражната постапка е при крај и веќе треба да се донесе одлука дали ќе се отвори истрага и ќе се бара нечија кривична оддговорност, или предметот тука ќе се затвори.

-Надлежниот јавен обвинител ја привршува предистражната постапка за настанот. Во тек е финална анализа на обезбедените докази од направените проверки по што ќе следува донесување јавнообвинителска одлука, изјавија од обвинителството за „Фокус“, но не одговорија на нашето прашење дали откриле каде точно се криел Мијалков.

Оттаму додаваат и дека во текот на предистражната постапка, свој исказ пред јавниот обвинител дале повеќе од 30 лица.

Неодамна, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека мора да се покаже каде е пропустот, во кој дел од системот има проблеми при вакви случаи и системот да се консолидира за да не ни се повторуваат вакви настани.

-Истрагата мора да покаже дали некој помогнал и кој е тој и да се види каде е проблемот во целокупниот систем на функционирање, за да бидеме осигурани дека правдата ќе биде задоволена, рече Спасовски.

Мијалков, кој пак тврдеше дека бил болен, а не избеган, исчезна кога му беше одреден домашен притвор пред изрекувањето на пресудата за „Таргет и Тврдина“.

Додека пак се одлучува дали ќе се бара кривична одговорност за неговото бегство, Мијалков сега од Апалација ќе бара да излезе од притвор, со понудена гаранција од 10,8 милиони евра. Пред неколку дена Кривичниот суд му ја одби гаранцијата, иако обвинителството даде позитивно мислење.

Сега на ред е да одлучува Апелација, каде што предметот се очекува да биде испратен утре, од Кривичниот суд. Потоа ќе се чека мислење од Вишото обвинителство за тоа дали понудената гаранција е доволна за да му се дозволи на екс директорот да се брани од слобода. Нема да биде за изненадување доколку и ова обвинителство даде зелено светло, бидејќи поднесената гаранција е најголема досега, а и наводно ставот во обвинителството било да се земе во обзир. Но, сепак, последниот збор ќе го имаат судиите во Апелација.

Како што дознава “Фокус” гаранцијата се состои од недвижен имот во сопственост на Мијалков, стекнат во 90-тите години, но и имот од неговиот фамилијарен бизнис.

Мијалков пред повеќе од еден месец беше осуден на 8 годишна казна затвор за случајот „Трезор“. За случајот со нелегалното масовно прислушување „Таргет ѕ Тврдина“, пак, поранешниот директор на УБК беше осуден на казна затвор од 12 години.

Валентина Вурмо

Поврзани новости