По брза постапка, најверојатно уште во текот на оваа недела, ќе се носат законските измени за законот за плаќање придонеси за хонорарите, кои ги предложи пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ.
Координаторот на владејачката партија, Илија Димовски вели дека причина за брзањето е што овој закон засега голем број на граѓани. Можно е да се закаже спрецијална седница за да се донесат овие законски измени, бидејќи според собраниската агенда, првата наредна седница е предвидена за понеделник.
Сепак, ова не ги премисли потписниците на Повелбата за солидарност за заштита на работничките права и хонорарците и тие ќе излезат на закажаниот протест во петок. Нивното барање е целосно повлекување за овој закон, а на овие предложени измени гледаат како на обид за манипулација од страна на власта.
„Одбиваме да бидеме предмет на манипулации со цел да се амортизира незадоволството на илјадници граѓани кои протестираа и бараа укинување на законите откако беа соочени со откази, намалувања и доцнења на приходите. Затоа, остануваме на најавата за протести на 13 февруари, петок во 14 часот.“,- стои во соопштението на потписниците на Повелбата за солидарност за заштита на работничките права.