Законски измени: Урбанистички планови ќе може да носат третина од советниците

by Фокус

Општините и Градот Скопје, од март следната 2015 година, ќе може да носат урбанистички планови само со една третина од гласовите, предвидуваат предлог-измените на Законот за просторно и урбанистичко планирање, кои се во собраниска процедура.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги оправдува овие законски измени и го нив не гледа ништо спорно, додека против нив реагира опозицијата, но и некои од владејачките партии, меѓу кои и ДУИ.

Според нив, тие ќе донесат хаос во функционирањето на општините, бидејќи малцинството ќе одлучува над мнозинството, што го руши политичкиот систем и ги подрива демократските принципи.

– Ова значи дека во совет со 19 членови, 7 ќе може да постават на дневен ред нов уранистички план, тие гласаат „за“ и да го донесат, иако другите 12 ќе бидат „против“. Тоа е против политички систем и се кршат демократски принципи – реагираше една една од малкуте опозициски пратенички што учествуваат во работата на собранието, Роза Топузовска – Каревска.

Нејзината колешка Солза Грчева смета дека на овој начин малцинството ќе одлучува над мнозинството.

– Направете го ова и за законите што се носат во собрание, и тие да може да се носат со една третина од пратениците, и опозицијата ви гарантирам веднаш ќе го прекине бојкотот и ќе се врати – смета Грчева.

Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, се огласи дека ваквите законски измени се носат исклучиво за Општина Центар.

– Ова е трагикомична одлука зошто ова не важи и за одлуките што се носат во собранието. Ако одлуките се носат само со една третина, што е со гласовите на другите две третини од советниците? Очигледно власта не може да го прежали Центар. Донесоа четири измени на законите, кои се носат само за да се задоволат нечии интереси во Центар – изјави Жерновски.

Илија Димовски од владејачката ВМРО-ДПМНЕ рече дека не треба да се прави баук од овие законски измени.

–  И во парламентот одлуките се носат најчесто со една третина од пратениците, кога се работи на раб на кворум. Ако може собранието да носи закони со една третина, зошто советот да не го прави тоа кога се решава со помалку значајни прашања – истакна Димовски.

Од ДУИ сметаат дека ваквите законски измени ќе донесат хаос во функционирањето на општинските совети, каде, според пратеникот од оваа партија и довчерашен градоначалник на Струга Рамиз Мерко, копјата меѓу советниците се кршат токму за урбанистичките планови.

 

Поврзани новости