Остро писмо од Европската комисија упатено до македонската Влада е причина за повлекување на законот за владино рекламирање во медиумите, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од дипломатски извори во Брисел.
Изворите на порталот брифираат дека Европската комисија предупредила оти владиното рекламирање би имало силно влијание врз медиумскиот пазар, во кој Владата и досега беше најголем огласувач.
Претходно, од владата убедуваа дека предлог законот бил европски и оти со него ќе се ставел ред во рекламирањето. Откако го повлекоа законот не излегоа со објаснување зошто се премислиле.
Вчера до пратениците стигнало само известување потпишано од Никола Тодоров, но без образложение за повлекувањето на предлог-законот.
Социјалдемократите ова си го припишаа како нивна заслуга, бидејќи најавиле дека ќе го оспорат законот со 500 амандмани.
На ова реагираше ВМРО-ДПМНЕ обвинувајќи дека „СДСМ е непријател на медиумите и не сака регулирање на владиното рекламирање по урнек на европските модели“