МИОА: Законот за владини реклами е повлечен на наше барање

by fokus

Од Министерството за информатичко општество и администрација велат оти предлог законот за владино рекламирање бил повлечен од Собрание на нивно барање. Причина била потребата за доработка на текстот на законот, согласно добиените предлози и забелешки.

„Со оглед на фактот што во текот на изминатиот месец, во процесот на консултации со над 100 медиумски куќи и асоцијации, министерството презема обврска да ги разгледа добиените предлози и сугестии и да ги прифати оние кои ќе овозможат подобрување на текстот на законот, Владата на предлог на министерството, во текот на вчерашниот ден го повлече текстот на законот од собраниска процедура. Можноста за повлекување на предлог-законот заради усогласување беше најавена уште на самите состаноци со медиумите и оттука, министерството најостро ги демантира сите шпекулации во однос на причините за повлекување на законот и информира дека единствена причина е потребата за доработка на текстот на законот согласно добиените предлози и забелешки“, стои во денешното соопштение на Министерството за информатичко општество и администрација.

Од друга страна пак, порталот САКАМДАКАЖАМ.МК повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел, јави дека законот за владини реклами е стопиран од Европската комисија.

Таа преку остро писмо до македонската Влада посочила дека владиното рекламирање би имало силно влијание врз медиумскиот пазар.

Од Владата се уште молчат на ова прашање.

Поврзани новости