Измените на Законот за рестриктивни мерки со коишто треба политичарите и бизнисмените кои се најдоа на „црната листа“ да подлежат на санкции и во Македонија, во вторник повторно ќе се најде на владина седница.
Откако Владата вчера ги повлекла измените од собраниска процедура, од Министерството за надворешни работи како предлагач на Законот, тврдат дека измените се повлечени поради изборот на новата влада.
–Поради изборот на новата Влада, предлог Законот за измена и дополнување на Законот за рестриктивни мерки административно треба да се потврди уште еднаш на владината седницата во вторник, велат за „Фокус“ од МНР.
Министерот за правда, Кренар Лога пак го поздравува повлекувањето на Законот.
-Министерот за правда Кренар Лога ја поздравува одлуката на Владата за повлекување на Законот за рестриктивни мерки со оглед на тоа што претходно Министерството за правда даде негативно мислење и укажа на низа законски пропусти во предложеното решение, велат од Министерството за правда.
Министерството останува на ставот дека предложеното дополнување на наведениот Закон со кое би можеле да се воведуваат, изменуваат и престануваат рестриктивните мерки врз основа на, правни акти на Соединетите Американски Држави и правни акти на Обединетото Кралство” беше во спротивност со уставниот поредок и суверенитетот на Македонија.
-Министерството за правда смета дека воведувањето на рестриктивни мерки со одлука на Владата врз основа на сомневање , не е во согласност со Уставот и со системот на казненото право воопшто. Новите предложени измени од МНР по повлекување на законот, Министерството за правда, откако ќе ги разгледа, дополнително ќе се произнесе, дополнуваат од Правда.
И покрај негативното мислење што го даде Министерството за овој предлог-закон, тој едногласно помина владина седница одржана на 16 јануари.
Тогаш беше донесена и одлука Министерството за надворешни работи како предлагач да го усогласи текстот на предлогот на закон со кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за политики на добро владеење, Министерството за правда, Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација, Секретаријатот за законодавство и другите надлежни институции.
Повлекувањето на измените доаѓаат откако на чело на техничката влада беше избран, поранешниот шеф на Собранието, Талат Џафери, кој пак јасно кажа дека е против ова законско решение да се вметне во правниот поредок.
Од друга страна амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер, во вечерашното интервју за ТВ 24, во контекст на предложеното законско решение за рестриктивни мерки, рече дека го поздравуваат секој напор, секој закон и секоја активност со која се бара отчетност кај луѓето.
-Ако таму се луѓето кои ние ги прозиваме за корупција, искрено ја поздравуваме иницијативата за раководството, судството, обвинителите и чуварите на законот и редот да ги имаат и нив предвид. Затоа што од луѓето треба да се бара одговорност. Ние немаме претставници на законот овде, ниту тоа би било соодветно, рече Агелер.
Реакција за повлекувањето имаше и движењето БЕСА.
-Талат Џафери го повлече законот со кој треба да се казнат сите оние функционери и бизнисмени на владата на СДСМ – ДУИ, кои Соединетите Американски Држави ги ставија на Црната листа поради нивната вмешаност во финансиски криминал, главно со злоупотреба на позициите и се збогатија на грбот граѓаните, се вели во реакцијата.
Ф.Ф.С.