Фокус веќе втор ден се обидува да добие одговор на прашањата од кои се засегнати голем број граѓани. Иако прво ни беше ветено дека ќе добиеме одговор, тоа не се случи. Денеска пак, од Министерството за финансии дефинитивно изјавија дека одговор нема да добиеме. Причините не ги наведоа.
Со предлог-измените, законска обврска е на хонораците и на нивните работодавачи да го пријават хонорарното работење или договорот за дело во Фондот за пензиско осигурување, а потоа фондот информацијата ќе ја препрати до Управата за јавни приходи и до Агенцијата за вработување. Ова значи дека лицата што земаат хонорар чиј износ е повисок од 12 минимални плати годишно, ќе бидат избришани од листата невработени.
Оние, пак, кои заработуваат од повеќе хонорари или од повеќе договори на дело, придонесите ќе ги плаќаат на збирниот нето износ на приходите, ако тој го надмине износот на минималната плата утврдена со закон.
Според сето ова, јасни се неколку работи: Владата ќе го намали бројот на невработени, ќе го наполни Фондот за пензиско осигурување, а сето ова ќе падне врз грбот на хонорарците бидејќи работодавачите ќе ги плаќаат придонесите, а на сметка на тоа ќе се намалат нивните хонорари.
Она пак, што останува нејасно, а за кое Фокус веќе испрати прашања до Министерството за финансии на кои Ставрески одби да одговори е следното:
- Што ќе се случува со лицата кои примаат хонорари од повеќе места? Кој работодавец ќе ги плаќа нивните придонеси?
-
Како ќе се применува законот за лицата кои се веќе осигурани и се во редовен работен однос, а остваруваат дополнителни приходи од авторски договори или договори на дело? Дали во тој случај ќе се плаќа двојно пензиско и инвалидско осигурување?
-
Колку за пример – ако едно лице е ангажирано на договор за дело, а притоа е вработено во редовен работен однос, дали и за договорот на дело ќе треба да плаќа пензиско осигурување? Доколку е така, дали плаќањето двојно пензиско осигурување им оди во прилог на граѓаните со оглед на тоа што во случајов истите ќе земаат многу помали хонорари од претходно?
И додека овие прашања остануваат да висат во воздух бидејќи надлежните одбиваат да дадат дополнителни објаснувања, за предлог-законот денеска ќе се гласа во Собранието – по скратена постапка. Дури откако ќе биде изгласан, граѓаните ќе дознаат на чиј грб ќе падне товарот.