Законот за Договорот од Преспа објавен во Службен весник на Грција

by Fokus

Законот според кој се ратификува и стапува на сила Договорот од Преспа е објавен во Службен весник на Грција, откако претходно, веднаш по ратификацијата од Парламентот, го потпиша и грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, јави дописничката на МИА од Атина.

Со објавувањето во Службен весник со датум 25 јануари 2019, договорот меѓу двете земји веќе и официјално е закон во Грција.

Законот од Министерството за надворешни работи на Грција под наслов „Ратификација на конечниот договор за решавање на разликите како што се објаснети во одлуките на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), прекинување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, содржи 3 члена.

Првиот член е договорот во целост на англиски и преведен на грчки јазик. Вториот член се однесува на подигањето на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат. Третиот член објаснува дека законот стапува на сила по објавувањето во Службен весник, а договорот стапува на сила по ратификацијата и по исполнување на предусловите, согласно членот 20.

Како нацрт закон, минатата сабота, Договорот од Преспа беше донесен во грчкиот Парламент по што следеше дводневна расправа на надлежната Комисија за надворешни работи и одбрана, потоа пратениците над 38 часа на пленарна седница во три продолженија расправаа за решението меѓу двете земји, а вчера напладне со 153 гласа „за“, законот беше усвоен.

Веднаш по ратификацијата, го потпиша претседателот на Грција Прокопис Павлопулос и го отвори патот за објавување на законот во Службен весник.

Поврзани новости