Собранието попладнево го изгласа Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација во прво читање. Ова законско решение, како што изјави денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, е од суштинска важност.
-Потрошивме многу време изминативе години во поделби, дискриминација, стигматизирање кои не носат добро никому и ги кочат нашите чекори напред. Ова решение е истото кое беше во законодавниот дом пред две години помина низ долг консултативен процес и кое доби зелено светло и од меѓународни експерти, вклучително и Венецијанската комисија – рече Шахпаска.
Со ова законско решение, според министерката, ќе се овозможи целосно приближување до меѓународните стандарди, а граѓаните ќе добијат соодветна правна заштита.
-Формирање на професионална Комисија за спречување на дискриминација. Комисија ќе биде составена од 7 члена. Тие ќе го претставуваат составот на општеството во целина. Ќе мора да имаат минимум 7 години работно искуство од областа на човековите права, од кои 5 години во областа на еднаквост и недискриминација – рече Шахпаска.
И опозициската ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе даде поддршка да се пристапи кон усвојување на овој закон.