Закажани седници во Собрание – дали денеска ќе заврши драмата и конечно ќе се изгласаат антикризните мерки?

by fokus

Во Собранието денеска ќе има уште еден обид да бидат изгласани законите од петтиот антикризен пакет со што тој треба да стане функционален. На веб страницата на Собранието во 14:15 часот е закажана 36. пленарна седница на чиј дневен ред се законите од петтиот пакет, а претходно во 14 часот е закажана 32. седница.

Собранискиот спикер, Талат Џафери остана на ставот дека прво треба да се изгласаат законите од 32. седница, па потоа антикризните мерки. И ВМРО-ДПМНЕ не попушта и вчера соопшти дека ќе учествуваат само на седницата на којашто треба да бидат изгласани мерките од петтиот пакет. Владејачкото мнозинство најави дека ако нема кворум, заразените пратеници од нивните редови ќе дојдат со скафандери. Пратениците од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива вчера изразија спремност, да обезбедат кворум за 32. седница ако власта да не може, иако потенцираа дека не го разбираат однесувањето на Џафери.

Законите од петтиот пакет се очекуваше да бидат изгласани во четвртокот, координаторите на пратеничките групи, дел од пратениците и претседателот на Собранието повеќе од два часа се расправаа дали да се гласа по точките од 32. седница и потоа да се продолжи 36. седница или да се одложи гласањето поради немање кворум и да се продолжи со 36. седница.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески соопшти дека тројца пратеници од нивните редови се во болница поради Ковид-19, и поради тоа владејачкото мнозинство нема кворум.

Претседателот на Собранието Талат Џафери инсистираше да се изгласа 21 точка од 32 седница, па потоа да се продолжи со 36-тата седница, а опозицијата бараше да се одложи гласањето доколку парламентарното мнозинство нема кворум и да се почне со 36-тата седница.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вчера на гостувањето во централниот дневник на телевизија „Сител“ рече дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваат на 36. седница на чиј дневен ред се законите од петтиот пакет, но не и на 32. седница.

– Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во Собранието и ќе учествува во работата на 36. седница. Доколку немаат пратеници, сите 44 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат во пленарната сала. Нема да бидеме внатре на 32. седница. Работа на претседателот на Собранието е да констатира има или нема кворум за 32. седница. Доколку има кворум, работи по 32.седница и завршува со неа. Доколку нема кворум, не ја ни почнува или констатира и ја презакажува за некој нареден период, рече Мицевски.

Законите од петтиот пакет од февруари се заглавени во Собранието, а од овие закони зависи исплатата на платите за февруари и март, како и финансиската поддршка за економските оператори за излез од кризата предизвикана од пандемијата.

Што поскоро донесување на законите од петтиот пакет мерки бараат и бизнисмените и синдикатите.

Петтиот пакет содржи вкупно 29 мерки, во вредност од 9,7 милијарди денари или околу 160 милиони евра. Мерките се распределени во четири столба – директна финансиска поддршка за компаниите со цел задржување на работните места, финансиска поддршка за ликвидноста на приватниот сектор со бескаматни кредити, креирање на поволно деловно опкружување со системско редефинирање на царинскиот тарифник, намалување на парафискалните давачки и даночно олеснување и одложување кај неколку јавни давачки, како и поддршка за граѓаните.

Поврзани новости