Утре се очекуваат 10 илјади дози од „Фајзер“, а до крајот на април и 200 илјади кинески вакцини

by fokus

Утре се очекува во земјава да пристигнат 10 илјади вакцини на „Фајзер“, а исто толку се очекува да стигнат и на 26 април. Вакцините утре со авион ќе стигнат во Софија, а попладнето со специјален транспорт ќе дојдат во Скопје.

Кон крајот на април ќе дојдат и 200 илјади кинески вакцини, а вакцинирањето ќе продолжи по истиот систем како и досега односно по возрасни групи.

Во земјава досега се вакцинирани околу 35 илјади граѓани, од кои околу 13 илјади ја примиле вакцината на „Астра Зенека“, од која има уште 10 илјади на располагање. Нешто помалку од три илјади има од руската „Спутник-В“ и илјада од кинеските вакцини. Во СЦ „Борис Трајковски“ се вакцинираат граѓани на 73 и 74 години со поредуцирани термини од претходните денови.

Министерот за здравство Венко Филипче завчера ја оцени како стабилна состојбата во болниците и рече дека нема некој голем и неконтролиран наплив на пациенти во сите јавно-здравствени установи во Скопје и насекаде во државата. Тој очекува во наредниот период бројот на хоспитализации да почне да се намалува.

Според податоците кои вчера ги објави Институтот за јавно здравје, регистрирани се нови 824 случаи на Ковид-19 од направени 3.988 тестирања. Оздравеле 682 пациенти, а починале 31, од кои најмладиот е на 38-годишна возраст.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 146.733. Бројката на оздравени пациенти е 122.121, на починати 4.419, а бројот на активни случаи изнесува 20.193.

Поврзани новости