Заканите за бомби стануваат нова нормалност – имаат локални соработници дури и медиуми?

by fokus

Заканите за поставени бомби не се „тинејџерски екцеси“ и слично деликвентно однесување туку се работи за професионални, координирани и калкулирани напаѓачи под команда на одредени скриени сили, објаснува за „Фокус“, Ванчо Орданоски, експерт од областа на информатичката технологија.

Со други зборови, како што објаснува, станува збор за хибридна војна, којашто не е на боево поле, туку е психолошка, најчесто со електронски средства, а наменета за внесување на страв, несигурност и двоумење кај населението.

За дојавата за бомба да остане анонимна, потребни се посебни технички уреди и инфраструктура, нешто што не е достапно било кому, туку само на специјализирани воено-разузнавачки групи, коишто имаат ресурси и средства за ова.

-Откако нашата држава стана членка на НАТО, во рамките на интегрирањето во нивните структури, се оформи и НАТО Сајбер-команда, наменета да се справува со сајбер и електронски закани врз Македонија. Тоа значи дека се вклучени големи технолошки средства за следење и контрирање на секој напад и закана. Командата сосема сигурно има одредени сознанија (иако, јас немам конкретни информации) за тоа кој стои зад заканите, но, бидејќи не видовме јавна акција од страна на полицијата, сигурно се работи за активности од хибридна војна, објаснува Орданоски.

Војната во Украина, најверојатно е поврзана со ваквите воено-криминални активности, со оглед на тоашто Македонија е членка на НАТО, а оваа организација игра примарна улога во давање на воена, материјална и друга помош на Украина.

Според Орданоски овие закани се зајакнаа во периодот на нашето пристапување кон НАТО и ќе продолжат и во текот на нашиот пристап кон ЕУ. Она што е специфично, а го кажува овој експерт, е дека овие хибридни закани за да функционираат успешно, мора да имаат и локални соработници дури и медиуми, но не навлегува подлабоко во ова.

Ваквите закани не се ништо ново ниту во останатиот дел од светот, стануваат се почести, па во САД, според неговите податоци, ако во 2014 наваму пораснале од пет на 33 отсто и тоа кон образовните институции.

-Во Европа, исто така, има доста закани, не само кон образовните институции, туку и кон други политички и општествени структури, како што е, на пример, кралското семејство во Велика Британија. Не се поштедени ниту нашите соседи, особено Србија, кадешто, исто така, има бран на закани, објаснува тој.

Орданоски заклучува дека нашите безбедносни органи постапуваат сосема исправно со тоа што секоја закана се третира сериозно и со крајна внимателност, што е пракса насекаде низ светот.

-Никогаш не се знае дали бомбата е вистинска или не, а цената за секоја грешка е непроценлива – во човечки животи. Останува да бидеме свесни за овие напади, да не подлегнуваме на нивната цел, а тоа е внесување на несигурност, и да не дозволиме тоа да нѐ одврати од евро-атлантските интеграции, порачува Орданоски.

Вакви закани за бомби се уште има и во Црна Гора и во Србија, а кај нас не престанаа и стануваат се позачестени од октомври наваму.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости