Откако вчера по повод Денот на независноста на Македонија настапија на настан во Пеленица, организиран од Општинската организација на СДСМ – Кисела Вода, фолк музичарите Благоја Грујовски и Сузана Гавазова се најдоа на мета на вербални напади и закани од наши иселеници во Австралија.
Музичарите кои се чести гости кај нашата дијаспора, на социјалните мрежи добија пораки да не помислуваат повеќе да стапнат во Австралија.
На страницата на невладиното здружение Македонска Коалиција им ги упатија зборовите – Ќе видите кога ќе ви дојде времето пак да печалите во дијаспората! Нема да стапнете повеќе тука, држете го СДС и другите кркачи!
Актуелни се и пораките и коментарите кои ги објавија голем број на наши иселеници, кои потсетуваат дека и Елена Велевска не поминала добро на нејзината турнеја во Австралија во 2017 година.
Имено, тогаш иселениците повикаа на бојкот на нејзините концерти, бидејќи во бугарска ТВ емисија кажала дека песните ,,Кажи, кажи облаче ле бело” и ,,Јовано, Јованке” биле бугарски. Велевска тогаш појаснуваше дека изјавата и е извадена од контекст и се работело за недоразбирање, но и до денес во Австралија се спомнува тој настан.
Инаку, пред настапот во Пеленица кој го откажаа пејачите Јордан Митев, Адријана Кеш, Ефто Пупиноски и Татјана и Новица Василевски, под образложение дека не пејат на партиски настани, Грујовски за ,,Фокус” изјави дека тој е музичар, а не политичар и пее за народот, на народен собир. Потенцираше дека не му е важно која политичка партија е организатор, затоа што неговата музика е за сите граѓани, без оглед на партиска или било каква припадност.
И Гавазова во видео порака се обрати до јавноста и кажа дека не припаѓа на ниту една политичка партија и ќе пее за Македонија и Македонците.
Како потсетување, таа неодамна имаше голема турнеја во Австралија и за нејзините настапи се бараше влезница повеќе. Најчесто настапуваше облечена во фустани со боите на македонското знаме, а иселениците ја опсипаа со комплименти за атмосферата која ја направила за време на концертите и порачаа пак да им дојде наскоро.
Благоја Грујовски пак, веќе ја закажа својата новогодишна австралиска турнеја заедно со неговата колешка Сања Барби, која исто така настапи на настанот во Пеленица.
Вики Клинчарова