Уцени, закани и ултиматуми за предмети за кои се водат постапки пред надлежните институции, содржи писмото на Исламската верска заедница, потпишано од реисор Сулејман Реџепи, велат од Владата. Од таму денеска до медиумите го испратија писмото на Реџепи заедно со одговорот. Велат дека со тоа сакаат да ги заштитат вредностите на заедничкото живеење и концептот едно општество.
Станува збор за имот за кој што ИВЗ тврди дека има право на сопственост. Во писмото се тврди дека додека барањата на ИВЗ се игнорираат, МПЦ е фаворизирана и привилегирана во секој поглед. ИВЗ при тоа ја условува Владата и и дава рок од 10 дена да одговори на барањата. Во спротивно, велат, ќе се пожалат, како што велат, кај надворешните фактори во земјава.
„Бараме итна заштита од ваква дискриминација со тоа што ќе престанат сите незаконски дејствија на државните органи против ИВЗ и граѓаните со муслиманска вероисповед како нејзини членови, и ефикасна заштита на нашите имотни интереси и права. Пред почетокот на кампањата за Претседателските избори поради големиот притисок од страна на муслиманските верници ќе бидеме принудени да во 700 џамии во земјава ги информираме верниците за оваа долготрајна дискриминација што се врши кон ИВЗ и нејзините членовите“, стои во писмото до Влада.
Одговор на Владата до ИВЗ:
„Во однос на примениот допис бр. 03-154 од Ваша страна, истакнуваме дека истиот претставува неприфатлив облик на обраќање кон државните институции, кој е вид на уцена и закана, поради што сериозно размислуваме за истото да го известиме надлежното јавно обвинителство.
Во дописот споменувате неколку предмети, за кои се води постапка пред надлежните институции, која е независна од волјата на извршната власт, а втемелена и зависна од строгото почитување на позитивното право во државата.
Според Уставот, како највисок правен акт, Република Северна Македонија е секуларна држава, а оваа извршна власт никогаш нема да презема чекори со кои би ги манипулирала верските чувства или би се мешала во односите внатре во верските заедници или помеѓу нив. Во таа насока ги отфрламе сите обвинувања дека било која верска заедница е фаворизирана во државата, а таквото обвинување го сметаме за претенденциозно и паушално.
Доколку кај Вас почитуван, постои сомнеж или индиција дека некоја институција ги прекршила позитивно правните прописи Ве охрабруваме како Реисул на ИВЗ да покренете соодветна постапка пред надлежните органи со соодветно правно барање.
Особено важно е да нагласиме дека во мултиконфесионално општество верските граѓански права и слободи се остваруваат преку постојан процес на градење на меѓусебна доверба помеѓу различните конфесии, а не преку ултиматуми, кои како правило на игра доколку го прифатат сите регистрирани верски заедници, сериозно негативно би се одразило врз општествената кохезија“, велат од Владата.