Зајкова за хонорарите на членови на ЛДП: Висината на надоместоците не зависи од волјата на министерот

by fokus

Новата претседателка на ЛДП, Моника Зајкова вели дека таа како претседателка нема надлежност да одлучува за работатата или ангажманот на партиските членови од ЛДП кои земаат хонорари преку Министеството за локална самоуправа за работа на проекти финансирани од Швајцарската амбасада.

Кои лица и дали ќе бидат ангажирани, одлучува министерот, согласно критериуми кои ги утврдил донаторот, а од она што знам за секој ангажман мора да се добие согласност и од Швајцарската амбасада.
Тоа не е така само во Министерството за локална самоуправа, но и во други министерства, агенции и институции каде се ангажираат лица да работат на проекти. Оттука јас како пратеник не сум имала, ниту пак сега како ново избран претседател немам надлежност да одлучувам за нивната работа или ангажман, вели Зајкова за „Фокус“.

Таа додава дека според нејзините информации, висината на надоместоците не зависи од волјата на министерот, туку истите ги утврдува донаторот на проектот, споредбено со висината на надоместоците во меѓународните проекти кои се спроведуваат во државата.

Формално правно во постапката за ангажирање на овие лица нема констатирано недостатоци, а проектот го контролираат и меѓународни ревизори ангажирани од донаторот. Партијата не се мешала и не одлучувала за изборот.
Секој има еднакво право на работа, односно доколку ги исполнува критериумите има право да биде ангажиран на одредена работна позиција.
Не смееме да ги дискриминираме луѓето по ниту една основа, а она што треба да го цениме е нивното формално/неформално образование и квалитет, смета Зајкова.

Случајот со хонорарите на членови на ЛДП и лица блиски до поранешниот министер за локална самоуправа, Горан Милевски го објави сајтот „А1Он“.

Според податоците добиени од Министерството за локална самоуправа преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, над 125 илјади евра тежат надоместоците за пет блиски лица и сопартијци кои екс министерот Горан Милевски ги ангажирал во негово време во Министерството за локална самоуправа за два швајцарски проекти.

Исплатите се однесуваат од август 2019 до крајот на октомври 2022 година, односно за период од три години и три месеци.

К.С.Б.

Поврзани новости