Претседателката на Либерално демократската партија – Моника Зајкова во интервју за „Слободен печат“ истакна дека нејзината партија останува во досегашната коалиција и дека продолжува да се залага за членство на државата во ЕУ.
– ЛДП останува на она што значи европски пат, односно брз влез во ЕУ, бидејќи гледаме дека на мнозинството од граѓаните тоа му е приоритет и сака да биде дел од ЕУ. И јас сакам да сме дел од ЕУ бидејќи гледаме дека досега сме понижувани, во однос на придобивките што ги уживаме. Не спорам дека огромна е поддршката што ја добиваме од ЕУ во делот на проекти, но да тргнеме од она што е секојдневие. Сите патуваме и кога ќе одиме на пасошка контрола стоиме на различни страни од оние што се граѓани на земји членки на ЕУ, сите ние живееме на европскиот континент. Сакам и јас да поминам само со биометриска лична карта без да подлежам на куп контроли што ми прават стрес – рече Зајкова.
Таа додаде дека македонските граѓани ќе бидат рамноправни со граѓаните од земјите членки на ЕУ, само кога Македонија ќе стане дел од Унијата.
– Сметам дека ќе бидеме реципрочни само кога ќе бидеме седнати на таа маса, а не кога од надвор ќе се буниме за своите права – заклучи лидерката на ЛДП.