(ВИДЕО) Мицкоски: Не очекувам Ковачевски да вее бело знаме

by Fokus

„Нормално е дека Ковачевски ќе се обиде да го мобилизира своето членство, коалицијата која застана зад Ковачевски и СДСМ. Не очекувам да вее бело знаме и да каже завршена е работата, се предаваме. Тие лицитираат со бројки во партијата, за тоа колкав ќе биде поразот, дали со 30 пратеника разлика или друго“.

Ова го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска по потпишувањето на Повелбата за стратешко коалицирање и утврдување на принципите на идна работа на Коалицијата наречена „Твоја Македонија“.

Мицкоски рече дека „седењето дома е глас за овие што седум години ништо не направија, напротив, ја однесоа Македонија назад. Ние сме фокусирани на позитивна кампања, а власта на негативна кампања. Тоа е дел од одлуките за тоа каква политика ќе води СДСМ. Сакаме да излеземе кон граѓаните со програма. Нема да биде ништо ново ако кажеме дека тие не чинат, тоа го чувствуваат 80 отсто од граѓаните“.

„Свесни за девастирачкиот карактер на политиките на неодговорната владејачка клика, обзнануваме дека развојот на економијата, економскиот раст, домашните и странски инвестиции, како услов за отворање на нови работни места и подобар живот на граѓаните, се врвни приоритети на партиите – членки на коалицијата `Твоја Македонија`. Недвосмислена и цврста борба против корупцијата и намалување на обемната бирократијата се наш носечки предизвик бидејќи цврсто веруваме дека праведноста во општеството е основен предуслов за вкупен развој на татковината. Оттаму, длабоко свесни за истакнатото, коалицијата „Твоја Македонија“ се обврзува дека жестоко, праведно и принципиелно ќе иницираме и ќе поддржиме акции на правната држава кои треба да ја вратат разнишаната доверба на граѓаните во институциите на државната власт“ порача Мицкоски.

Поврзани новости