Захарова: Шпионската афера во Србија е провокација пред важната посета

by fokus

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска оцени дека снимката за наводниот руски разузнавач,е само последна во низата провокации.

-Сега доаѓа средба на врвот (на почеток на 4 декември меѓу Путин и Вучиќ) и ние сме навикнати една недела или неколку дена пред ваквите состаноци да се појават интересни приказни, некакви сензации. И, тогаш времето минува и сето тоа завршува и се утврдува дека се работело за евтина провокација, рече Захарова на редовната прес-конференција, пренесува Спутник.

Како што истакна таа, сите прашања што се од интерес на земјата се решаваат преку соодветни канали, „а ова ние треба да го третираме како провокативна приказна“.

-Со ова видео треба да се занимаваат оние на кои тоа им е наменето, а за пошироката јавност е очигледна задачата поставена од авторите на овој таканаречен филм: тоа е провокативна акција, обид да се испровоцира соодветно расположение кај луѓето пред цела низа на разговори, средби, посети. Вакво нешто веќе имаме видено. Во последната година можам да наведам десетина слични случаи кога или пред посети, разговори, самити или веднаш потоа, се одвиваа слични провокативни приказни, хибридни гестови, лажни вести, рече Захарова.

– Ако постојат какви било прашања, секоја држава има соодветни инструменти да ги реши на цивилизиран начин. Сите ние сме возрасни и сите тоа совршено го сфаќаме, заклучи портпаролката на руското Министерство за надворешни работи.

Таа истакна дека прво мора да се потврдат сите информации: кога е снимено видеото, кој е прикажан на снимката, кој го монтирал.

Поврзани новости