Захарова им порача на критичарите на апсењето на Навални да се занимаваат со своите проблеми

by Fokus 10:19
10:19

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, се јави по повод пораките од политичарите за итно ослободување на опозицискиот лидер Алексеј Навални.

Захарова им порача на странските политичари кои го критикуваат апсењето на Навални, кој беше уапсен на московскиот аеродром, да ги почитуваат меѓународното право и рускиот закон и да се справат со нивните проблеми.

- Advertisements -

Тоа се случи откако Џејк Саливан, кого Џо Бајден има намера да го назначи за помошник на националната безбедност, повика на итно ослободување на Навални.

-Што се однесува до Саливан (и други странски службеници кои објавуваат претходно подготвени коментари): почитувајте го меѓународното право, не навлегувајте во националното законодавство на суверена држава и справувајте се со проблемите во вашата земја“, напиша Захарова на „Фејсбук, како што објави „Спутник“.

На веста за апсењето на Навални реагираа и други светски официјални лица, вклучително и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој оцени дека апсењето на рускиот опозиционер е недозволиво и ги повика руските власти да го ослободат.

Рускиот опозициски политичар, најгласниот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, слета на аеродромот Шереметјево во Москва, по што беше приведен.

Бирото за извршување на кривични санкции објави дека Навални ќе биде во затвор до следната судска одлука.

Службата објави дека за Навални е распишана потерница на 29 декември 2020 година, за повеќекратно кршење на правилата додека бил под условна казна.

Поврзани новости