Захариева: Сите треба да ги смириме емоциите

by Fokus

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева ја критикуваше изјавата на премиерот Зоран Заев дадена во понеделникот на дебатата на американскиот тинк-тенк Атлантски совет на тема „Северна Македонија на прагот на Европа“, јави дописникот на МИА од Софија.

Заев тогаш кажа дека позицијата на Бугарија е непринципиелна и спречи овозможување на првата меѓувладина конференција со ЕУ со што требаше да биде означен почетокот на преговорите.

-Нашиот став е дека пријателите не треба меѓу себе да се блокираат. Напротив тие треба да си помагаат. Бугарија мора да разбере дека имаме суверено право да се определиме и чувствуваме како Македонци кои зборуваат македонски јазик, а со тоа да се почитуваат и сите европски идентитети кои ги имаме во нашата земја. Сметам дека нивниот сегашен став е анахрон и е спротивен на меѓународното право. Ние како држава ќе продолжиме да ги правиме сите напори да постигнеме надминување на проблемите, притоа почитувајќи се себе си и останатите. Нашата држава е Европа во мало, рече тогаш Заев.

Захариева истакна дека нивниот проблем е тоа што сметаат дека се негува омраза кон Бугарите и оти не се исполнува Договорот.

-Принципиелно ли е да воспитуваш генерации по генерации со омраза кон соседната држава и целиот нејзин народ. Проблемот е дека се негува омраза кон Бугарите, дека не се исполнува Договорот. Не може во 21 век да продолжуваат овие форми на секаков вид дискриминација, рече Захариева во одговор на изјавата на Заев.

Захариева повтори дека Бугарија сака да ја види Северна Македонија како дел од Европската Унија.

-Тоа што сите не прашуваат е зошто да не започнат преговори, а во самиот преговарачки процес да се решат проблемите. Само што не може се да се решат за еден ден, емотивни се, сакавме неколку чекори пред процесот за одобрување за ЕУ, рече Захариева за Нова ТВ.

Таа е уверена дека со коалициските партнери нема разлики во однос на македонското прашање.

-Во однос на темата за Република Северна Македонија имаме одлука во Парламентот, што е едногласно усвоена. Со сигурност има затегнување во односите и сметаме дека сите треба да ги смириме емоциите, додаде Захариева.

Поврзани новости