Бугарија утре пред Советот на ЕУ ќе предложи Македонија и Албанија да бидат поканети да започнат преговори за влез во Европската Унија. Позицијата на Македонија е посилна од онаа на Албанија, истакна денеска вицепремиерката на Бугарија Екатерина Захариева.
Како штпо пренесе БТА, Захариева посочила дека повеќето земји членки го поддржуваат ставот веднаш да биде упатена поканата за почеток на преговори, но додала дека постои уште работа за да се убедат дел од државите кои се скептични.
-До вечер амбасадорите на државите од ЕУ ќе продолжат да разговараат на таа тема. Дури и ако утре Советот на ЕУ поддржи почеток на преговори за проширување, тоа не значи веднаш започнување на преговори. Има многу подготвителна работа која треба да ја завршат експертите во Еврокомисијата, како што е подготвување на преговарачка рамка, истакна Захариева.
Таа појасни дека ставовите од сите земји членки ќе бидат земени в предвид, бидејќи се работи на тоа да се добие позитивна одлука. Захариева потенцира дека доколку утре не биде донесена позитивна одлука, прашањето ќе го разгледува Европскиот совет кон крајот на неделата.
Додаде дека со Франција треба уште многу да се работи, но истакна дека она што е важно е дека никој не е против. Појасни дека различните мислења се околу рокот кога да се почнат преговори, бидеќи нема држава која е против европската перспектива на земјите од Западен Балкан.
-Сите сметаат дека има сериозен развој и прогрес во Западен Балкан. Прашањето е кога, а не дали. Станува збор за толкување на подготвеноста на земјите за влез во ЕУ, рече Захариева.