На денешната прес конференција по средбата во Софија со српскиот шеф на дипломатијата Никола Селаковиќ, бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева изјави дека „Бугарија нема да го менува ставот кон Србија во поглед на евроинтеграциите“, јави Танјуг.
На прашањето зошто Бугарија е една од седумте земји кои го запреа отворањето нови поглавја за Србија во преговорите со ЕУ минатата година, Захариева посочи дека „во прашање биле технички причини, а не политички“, посочувајќи дека „од искуство знае дека е помалку важно колку поглавја се отворени, туку колку се затворени на вистински начин.“
Захариева се заблагодарила на Селаковиќ за посетата, реализирана на нејзина покана, на која било разговарано за интензивирање на соработката на економски и политички план.
Зборувајќи за бугарското национално малцинство во Србија, Захариева посочи дека тоа е уште еден поттик за зајакнување на билатералните односи, оценувајќи дека „Србија има добро, модерно законодавство во врска со малцинствата“ и дека „се надева дека прашањата важни за малцинствата ќе бидат решени во добар дух“.
Селаковиќ се заблагодарил на бугарската поддршката за Србија во евроинтеграциите и изразил надеж дека оваа поддршка ќе продолжи, додавајќи дека Белград има разбирање за позицијата на Бугарија во однос на Косово.
-Посебно внимание на разговорите беше максималното обезбедување на заштита на малцинските права за бугарското национално малцинство во Србија и се согласивме за директна линија на комуникација и ако се појави проблем, треба лично да се чуеме, автоматски да го спуштаме случајот на пониско ниво и да ги решаваме проблемите од заеднички интерес, истакнал Селаковиќ, соопшти Танјуг.