Зошто повеќе од една година има застој во судскиот процес за автобуската несреќа кај Ласкарци, треба да одговори Бирото за судски вештачења, бидејќи оттаму се очекува вештачењето што судот го побарал, вели претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев.
-Точно е дека постои застој, скоро година време не е изготвено вештачењето. Како беше побарано супервешачење, судот постапи по барањето и го прати во Бирото за судски вештачења. Моите информации кажуваат дека застојот е затоа што недостасуваат експерти од таа област. Тоа прашање ќе треба да го поставите во Бирото, каде е застојот. Последно што знам е дека од страна на вештаците е побарано да се изврши увид на автобусот, рече Џолев.
Министерот за правда, Никола Тупанчески, најави дека Министерството за правда под чии ингеренции е Бирото за судски вештачења, наредната недела во владина процедура ќе пушти нов Закон за вештачења.
-Нареднава недела во владата ќе биде во владина процедура новиот закон за вештачење кој подолго време се подготвува и ќе значи излезно решение за сите недостатоци и дефекти што во моментов се случуваат во таа сфера. Констатирани се дефектите и мислам дека тоа ново законско решение ќе претставува решавање на сите досегашни наталожени проблеми. Од тоа како ќе биде изработен регистарот на вештаци, како ќе се добива лиценца итн., значи прецизни правила за тоа како ќе се одвива вештачењето во иднина. Новиот закон го гледам како добра алатка за подобрување на состојбите на тој план, рече Тупанчески.
Инаку, и по три пол години од автобуската несреќа во која загинаа 16 патници нема епилог од судењето за случајот „Ласкарци“. Процесот сега е заглавен откако беше побарано и супервештачење за кое наредбата е дадена 11 ноември 2021 година, но тоа и до ден денес не е изработено.