Музичарот, актер и поет, Зафир Хаџиманов, најверојатно бил последниот пејач кој ја имал честа да му пее на Јосип Броз Тито, пет месеци пред смртта на маршалот.
Настанот се случил во 1980 година, на дочекот на Новата година во Караѓорѓево. Како што се присетува Хаџиманов, најверојатно тој бил последниот пејач кој настапил во живо пред Тито, кој во тоа време веќе бил во лоша здравствена состојба.
-На денешниот ден, на годишнината од смртта на другарот Тито, нешто ме прогонува да кажам, дека сум можеби последниот пејач кој му отпеа нешто. Имено, на дочекот на Новата 1980 година во Караѓорѓево, пеевме Сенка и јас. Програмата траеше многу кратко, поради лошата здравствена состојба на Тито. Многу колеги беа вратени во Белград без да настапат. На самиот крај, ме повикаа да отпеам некоја македонска песна, и јас избрав сплет од најпознатите македонски народни рефрени. Веднаш потоа, Тито стана, со стапот под мишка, со војнички чекор замина на почивка. Утредента дознавме дека веќе е во Словенија, со лекарскиот конзилиум. Така да, мислам дека мојот распеан сплет беше последното нешто од пеењето, што тој го слушна и виде – ги сподели своите спомени Зафир на својата социјална страница.
Денес се навршуваат 38 години од смртта на Јосип Броз Тито, доживотниот претседател на СФРЈ.
Вики Клинчарова