Бевме многу блиски, и нормално дека сега ми е многу жал! Со овие неколку зборови кажав се. Немам други коментари, ни изјави Зафир Хаџиманов, кој што со децении наназад со семејството живее и твори во Белград, соседна Србија, а кого го контактиравме за да ни открие повеќе детали за својата љубов од младоста, но и за тоа како ја примил веста за смртта на Љупка Димитровска, која што почина на трети октомври во Загреб, Хрватска, по кратко и тешко боледување.
Хаџиманов долги години наназад е во среќен брак со Сенка Велетанлиќ, со која што го имаат синот Васил, кој што е џез музичар. Љупка пак, родена скопјанка, од 1968 година беше во брак со познатиот хрватски композитор Никица Калоѓера, се до 2006 година, кога тој почина.
Хаџиманов е родум од Кавадарци, и е автор на голем број на стихозбирки. Има играно во неколку филмови, помеѓу кои и ,,Македонска крвава свадба,,. Носител е на десетици награди и признанија за музика и поезија, а во 2007 година беше промовиран за почесен амбасадор на културата на Македонија во Србија.
Откако режисерот и актер Коле Ангеловски пред неколку дена ја раскажа љубовната приказна на легендарната пејачка Љупка Димитровска и пејачот, композитор и поет Зафир Хаџиманов, за пораталот sdk.mk, социјалните мрежи беа преплавени со коментари кои што се движеа од изненадување, па се до восхит поради големата љубов на популарните пејачи, за која што многу малку се знаело во јавноста. Се коментираше дека дури и нејзината хитовска песна ,,Ѕвона ѕвонат,, која што ја отпеа на ,,Макфест 1990,, во Штип била посветена на Зафир и споменот на него, но како и љубовното разочарување со Зафир придонело таа да го смени животот од корен и максимално да и се посвети на кариерата.
Според сеќавањата на Ангеловски, Зафир и бил дечко на Љупка, а кога на една Нова Година се вратиле за новогодишната забава, Зафир се сплеткал со друга девојка од друштвото.