Како членка на НАТО и на глобалната коалиција за борба против тероризмот, Северна Македонија ги спроведува највисоките стандарди во борбата со насилниот екстремизам и тероризмот и во ресоцијализацијата на терористичките борци повратници, изјави премиерот, Зоран Заев, на настанот на кој се презентираше Националниот план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства.
-Можам да кажам дека сме задоволни како нашите институции досега се справуваа со феноменот на странските борци бидејќи истите беа соодветно правно процесуирани низ кривично-правниот систем и се соочија со предвидените затворски казни согласно нашиот правен систем. Но, она што ќе биде предизвик во идниот период е да се процени дали начинот на кој што институциите ќе постапуваат со лицата кои отслужија казна затвор и членовите на нивните семејства и начинот на нивно прифаќање и интеграција назад во нивните локални заедници, ќе ги даде потребните ефекти во процесот на де-ангажирањето на радикализираните поединци, без притоа да биде доведена во прашање безбедноста и сигурноста на пошироката средина – рече Заев.
Тој додаде дека Владата минатата година ја формираше интерресорската Работна група за реинтеграција на странски терористички борци.