Заев: Зачувувањето на работните места беше приоритет на Владата

by fokus

Зачувувањето на работните места, заштитата и унапредувањето на работничките права, зголемување на платите и изминатата година во услови на криза беа врвен приоритет на Владата, рече премиерот Зоран Заев по денешната седница на Економско-социјалниот совет. Наоѓањето решенија, рече тој, беше можно само низ суштински дијалог со економско социјалните партнери – синдикатите и работодавачите.

– Суштинскиот и солидарен дијалог не изостана изминатите 12 месеци. Напротив може да кажам дека доби на интензитет и ја покажа сета потреба за учество во справување со кризата предизвикана од пандемијата. Освен здравјето на луѓето кризата се закани да ги загрози илјадниците работни места. Затоа на прво место на економските приоритети на Владата уште од почеток на пандемијата беше низ дијалог на работниците и компаниите да им се даде поддршка за да се сочуваат стотици илјади работни места, рече премиерот Заев на прес-конференцијата по седницатана ЕСС.

Успеавме, додаде тој, да ги задржиме работните ангажмани на многу наши граѓани, а со тоа и да ја задржиме економијата жива и динамична, па дури и да забележиме и напредок во повеќе дејности овие месеци.

Тој очекува годинава економијата да се врати на стабилни стапки на раст, платите да продолжат да растат, а невработеноста да се намалува.

И вицепрмиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи е согласен дека изминатат година била голем предизвик за сите. Пандемијата предизвикакна од Ковид 19, рече тој, направи сериозни поместувња во светот и сето тоа се одрази на нормалното функционирање на животот, а со тоа и на самата економија.

– Од оваа криза го однесовме заклучокот дека само сплотени и со заеднички сили можеме да ги надминеме и најголемите предизвици. Најголемиот предизвик во овојпериод секако дека беше зачувувањето на секое едно работно место, тоа се нашите работници, наши граѓани. И ако се анализираат сите шест пакети економски мерки кои ги креиравме и донесовме заедно со социјалните партнери, јасно се гледа дека во центарот е токму тоа, да биде зачувано секое едно работно место, секој еден работник да продолжи да ги извршува своите работни задачи и за тоа да биде соодветно платен, потенцира вицепремиерот.

Кога на граѓаните им е најтешко, вели Битиќи, државата мора да застане позади нив, а со мерките Владата го направила тоа. Притоа тој потсети на мерките како финансиска поддршка за исплата на плати, обезбедување средства за ликвидно фунционирање на компаниите, обезбедена поддршка преку Развојната банка преку три линии бескаматни кредити со кои е обезбедена поддршка од 44,1 милион евра за 4.078 компании, средства кои помогнале да се зачуваат близу 37.000 работни места.

– Сите мерки ги правевме заедно со оние кои се засегнати и со аплицирање на соодветни анализи, за да има максимален ефект, рече вицепремиерот.

Тој додаде дека биле направени и силни исчекори во однос на зголемувањето на минималната плата која, како што рече, е базата за сите плати во државата.

– За само неколку години преку заеднички дијалог, разбирање и преку аргументирана дискусија направивме минималната плата од 9.000 денари колку што изнесуваше во 2016 гоидна денес да изнесува 15.200 денари, што е зголемување за 68,8 проценти. Минималната плата е основата и нивото на која таа ќе биде поставена влијае и на останатите показатели. Таа прави притисок и на останатите плати и просечната нето плата, која исто така бележи пораст, и во февруари 2021 година веќе е приближно на 28.000 денари, рече вицепремиерот Битиќи.

Тој е уверен дека заедно со економско-социјалните партнер заеднички ќе продолжат да ги унапредуваат работничките права, да го зголемуваат финансискиот стандард и да ги подобруваат условите за живот.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска вели дека зачувувањето на секое работно место и почитувањето на работничките права е приоритет на Владата, но и водилка во разговорите со економско-социалните партнери, затоа што, како што рече, сечиј труд е важен. Тоа, нагласи таа, било приоритет и сега во услови на криза.

За остварување на овие цели, како што рече Шахпаска, освен финансиката поддршка изминатата година се работело и на системски решенија, а како што посочи едно од нив е новиот закон за работни односи.

– Прецизно ќе ги уредиме договорите на определено време, со што ќе обезбедиме сигурност за работниците, ќе уредиме после колку време и под кои услови тие треба да преминат во договори на неопределено време, ќе ја регулираме сезонската работа, особено правата на работниците во периодот кога не се сезонски ангажирани. Ќе обезбедиме модерно и ефикасно решение за породилното отсуство, во делот на мајчинството и родителството, во кое и таткото ќе има право за отсуство од работа. Породилното отсуство ќе биде подолго од сега предвидените девет месеци, рече Шахпаска.

Таа очекува ова решение наскоро да биде усогласено во работните групи и да биде дадено на јавна расправа.

Секретарот на Сојузот на синдикатите на Македонија Златко Цветковски истакна дека низ дијалогот укажале оти нема да дозволат кризата да се насочи самои единствено кон работниците и нивните смејства. Затоа, рече тој, бараме да се признае дека општеството зависи од трудот и работата на работниците, дека тие се рамноправен и значаен чинител на заедницата без кои не може да се обезеди нејзиниот опстанок и развој.

Оваа криза, нагласи Цветковски, само придонела да се забрза обезбедувањето на приоритетите на работниците во државата.

– Ние као синдикати бараме на работниците да им се гарантира пристојна работа и заработувачка, со место во општеството кое го заслучуваат со својот труд. Апелираме за потреба од солидарност и заедништво до сите чинители во општествтото за справување со здрваствената криза и последиците од неа, рече Цветковски.

Покрај она што досега Владата го дала како поддрша на работниците, нагласи тој, ССМ бара таа да продолжи да работи на целосно остварување на програмата.

Претседателот на Организацијата на работодавачите Ангел Димитров смета дека е потребно да се најдат соодветни механизми за заштита на правата на работниците. Ние, рече тој, имаме голема заштита на работниците, дури и кривична одговорност за повреда, но само на хартија.

– Тоа не се решава само со зголемување на казните. Тоа мора да се решава и со одредена флексибилност во законот за работни односи, рече Димитров.

Судбината на компаниите и работниците е заедничка, рече тој, додавајќи дека затоа заеднички мора да јакнеме и да се грижиме и за иднината на нашите компании и за подобар стандард на вработените.

Поврзани новости