Земјава продолжува со европеизацијата дома и ги почитуваме правата на сите граѓани еднакво, изјави премиерот Зоран Заев во одговор на новинарско прашање да ја искоментира изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека во С Македонија има системско нарушување на човековите права на граѓаните со бугарска самосвест и оти Скопје само мисли дека ги исполнува критерумите за членство во ЕУ
– Јас реков, тоа е работа на ЕУ кога ќе одлучат да го продолжиме процесот нека ни се јават. Ние во меѓувреме продолжуваме со европеизацијата овде. Имаме сериозни процеси на агендата Европа дома која што значи унифицирање на Царинскиот тарифник, еве денеска на Владата е првата фаза па продолжуваат консултациите каде што сите царини ги изедначуваме на ниво на ЕУ. Тоа е дел од поглавјата, ние веќе го правиме. Во делот на унапредувањето на сите други аспекти во општествениот живот исто така секојдневно работиме, затоа што нашиот пат кон ЕУ всушност значи европеизација овде, на институциите на С Македонија и на животот на граѓаните на земјава, рече Заев.
Премиерот не сакаше преку медиумите да реплицира на одредени ставови на Радев или на други високи бугарски претставници.
– Уште еднаш само ќе кажам дека ние сме пријателски земји, дека секако секој пат на очиглед на целата јавност не само на македонската, туку и на бугарската и на сите сме правеле тоа што значи почитување на правата на граѓаните еднакви. Зоран Заев се појавил на манифестации и здруженија од бугарските здруженија, многу повеќе во последните години отколку од македонски здруженија или албански или турски во државата, затоа што сум бил поканет, сум бил таму. Подигнавме споменик на полковник Гаранвалиев со сите бугарски знамиња напред, да и македонското тука, сме покажале респект насекаде затоа што се работи за нашиот сосед, но и се работи за граѓани со определба Бугари во нашата земја и ние немаме проблем со тоа, истакна Заев.
Тој потсети дека за начинот на организирање на нашето граѓанско општество, целиот свет зборува во суперлатив, и оти не може политички претставници да зборуваат за одредени политики и да влечат заклучоци за одредени права или не.
– Дефинитивно мислам дека сме пример и било што претставува забелешка ние сме спремни овде да ја адресираме, но не може политички претставници да повикуваат и да зборуваат за политики и од тука да влечат заклучоци за одредени права или не. Дај да видам колку пати нивните политичари во Бугарија се појавиле на одредени манифестации на помалкубројни заедници во Бугарија. Јас, Пендаровски, Талат Џафери, министрите насекаде сме се појавувале на било кој регион во државата на било какви културно историски и традиционални манифестации, на одредени форуми, конференции… секојпат со респект и почит затоа што тоа се нашите граѓани, тие се граѓани на Република Северна Македонија. Така што најважно на кое што треба да се посветиме е да им овозможиме на младите, на децата, на сегашните генерации да не се мразат, да се сакаат, да се почитуваат, да си помагаат, да си соработуваат. Таа историја денеска што ја пишуваме е најважната историја, истакна Заев.
Вчера бугарскиот претседател Радев, на средба во Салцбург со неговиот австриски колега Александар Ван дер Белен, рече дека Бугарија е најсилниот поддржувач на проширувањето на ЕУ, но не може да дозволи кршење на правата на граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест. Оваа реакција на Радев следеше откако претходно истиот ден премиерот Заев истакна дека Уставот на земјава ќе се отвори непосредно пред стапувањето во ЕУ и тогаш ќе се вградат во него и помалите етнички заедници кои живеат во земјава а не се наведени во највисокиот правен акт во државата.