ИРИ: Градоначалниците се рамнодушни кон гласачите

by fokus 13:49
13:49

Претежно слаба работа на градоначалниците и невклученост на граѓаните во локалната самоуправа, пред сè заради незаинтересираноста на локалната власт. Македонските граѓани го поддржуваат пристапувањето во ЕУ, но не по цена на нивниот национален идентитет, покажува неодамнешната квалитативна студија спроведена во Северна Македонија од страна на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

Во истражувањето се посочува дека граѓаните во голема мера се незаинтересирани да учествуваат во локалната власт, а како причина ги наведуваат градоначалниците за кои сметаат дека се неангажирани и рамнодушни кон гласачите. Граѓаните, стои во соопштението од ИРИ, честопати не се запознаени ни со имињата и работата на општинските советници. Додека мислењето за некои градоначалници е позитивно, покажало истражувањето, мнозинството од оценетите добиле мешани или главно негативни критики. Позитивно оценетите градоначалници, се посочува, активно комуницираат, ги одржуваат ветувањата и се достапни за граѓаните.

- Advertisements -

– Во поголемиот дел општини во Северна Македонија, градоначалниците и општинските советници треба да бидат поодговорни кон нивните гласачи и треба подобро да ги овозможуваат основните услуги и подобро да комуницираат со граѓаните за нивните локални проблеми и потреби, вели Пол Мекарти, регионален директор на ИРИ за Европа, се наведува во соопштението. Во спротивно, додава тој, градоначалниците ризикуваат граѓаните уште помалку да учествуваат во локалната власт и да изгубат на претстојните локални избори.

Учесниците во истражувањето навеле дека незадоволителните градоначалници не дејствуваат според потребите на граѓаните и честопати не ги исполнуваат ветувањата од изборната кампања. Во овие случаи, се подвлекува во соопштението во врска со истражувањето, учесниците сметаат дека локалните лидери се неефикасни, незаинтересирани и понекогаш несоодветни за функцијата која ја извршуваат.

– Иако граѓаните имаат мала верба дека Северна Македонија ќе го заврши процесот на пристапување во ЕУ, поддршката за членство во ЕУ останува генерално висока. Учесниците веруваат дека интеграцијата во ЕУ би била од корист за Северна Македонија, би придонела за евентуално зголемување на благосостојбата на граѓаните и за намалување на корупцијата. Сепак, меѓу учесниците постои скептицизам за тоа дали земјата ќе го заврши процесот за пристапување во ЕУ, изразувајќи загриженост за тековниот спор со Бугарија и други домашни прашања, се наведува во соопштението од ИРИ.

Квалитативното истражување било спроведено во име на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) од страна на агенција за истражување на пазарот БРИМА и се заснова на 21 онлајн дискусија во фокус групи што се одржале во 18 општини, од 3 март до 9 април 2021 година. Дискусиите во фокус групи биле спроведени со полнолетни, неопределени гласачи од различни сегменти на населението. Резултатите, стои во соопштението од ИРИ, не ги претставуваат мислењата на сите неопределени гласачи.

 

 

 

Поврзани новости