Премиерот Зоран Заев, по завршувањето на вчерашното рочиште за насилството што се случи на 27 април 2017 година во Собранието, изјави дека им простува на сите, но истакна и дека не е судија за да се меша во судските процеси.
–Јас сум верник, граѓанин, и мене и верата и родителите мои ме учеле да простувам и сакам да простувам, заради тоа што Македонија има потреба од помирување има потреба од подавање рака. Македонија има потреба толку колку што ни е голема „фала му на Господ добро“ тоа да биде поздружена, да биде попозитивна, и да гледа напред. Но, јас сум само Зоран Заев. Јас не сум ниту обвинител ниту судија, ниту имам право да се мешам во процесите на македонското правосудство, јас го кажав само она што го носам во мојата душа-рече Заев.
Имено, во судницата, Заев го препозна обвинетиот Игор Југ, за кој рече дека носел пиштол, но веројатно немал храброст да пука. На ова обвинетиот му реплицираше и рече да му дадат уште една шанса, па да види дали има храброст. Судијката Добрила Кацарска го опомена и рече дека тој си дозволува да се заканува во судница и дека тоа ќе го има предвид во иднина.
-Веројатно како и секој нормален човек што би се чувствувал така и јас, непријатно е чувството. Но секако е обврска како секој граѓанин повикан да сведочи, да дојде и да го изврши тоа што му е граѓанска должност. Јас бев повикан да сведочам, дојдов и сведочев, и секако немам нешто посебно да додадам или да одземам во тој дел. Заради тоа што не им е лесно на овие луѓе внатре коишто се обвинети и не би сакал јас дополнително да додавам нешто-рече Заев одговарајќи на парашањето дали е непријатно чувството да се соочи со тие што сакале да го убијат.
Заев се надева дека истрагата ќе утврди кои биле организаторите и нарачатели на нападот врз него и другите пратеници.
–Тоа е обврска на истрагата, веројатно можеби судскиот процес ќе утврди. Како и сите граѓани така и јас чекам разрешница на овој случај. Ако има докази за таа работа веројатно тоа ќе се утврди а ако нема докази веројатно ќе се продолжи со истрагата. Јас не можам да кажам ништо околу тоа повеќе што стварно таму го кажав, на сите прашања и на обвинителот и на одбраната и на Судот“-рече Заев.