Премиерот Зоран Заев, денеска одговарајќи на новинарски прашања во однос на Бугарија рече дека секаде каде што има какви било коментари кои задираат во нашиот македонски идентитет и македонски јазик, апсолутно нема да се разговара.
-Нашите ставови се јасни. Не постои каква било перспектива или европска перспектива, ако бидеме обезличени, ако не постоиме. Ние сме Македонци, кои зборуваме македонски јазик, државата ни е мултиетничка, ние тука ги чуваме идентитетските прашања на целиот европски континент и ги негуваме и ги афирмираме, и очекуваме Европа, вклучително и Бугарија, да се придржува на тоа. Драго ми е што ја прифаќаат реалноста за Македонци и македонски јазик, и верувам дека во тој дух нема да дозволиме да биде доведен во прашање дигнитетот на самите разговори, рече Заев.