Заев за името: Немам намера ништо да продавам, ниту да купувам

by fokus

Во процесот на решавање на прашањето за името сите знаат дека треба да го сочуваме достоинството и на народот и на нацијата и на државата. Но ако, не дај боже, не се реши до крајот на јуни, тогаш, наместо ние во Европа, ќе мора Европа да ја донесеме овде, вели премиерот, Зоран Заев, во интервју за порталот МКД.МК.

Заев појаснува дека тоа значи создавање европски вредности, коишто граѓаните би ги практикувале како да сме членка на ЕУ.

-Верувам дека тоа е можно, но секако тоа не треба да биде нашиот план Б. Нашиот план и А и Б и В е потполна интеграција во ЕУ и во НАТО – посочува премиерот.

На  прашањето дали тоа значи дека нема да го „продаде“ името, Заев одговара:

-Немам намера ништо да продавам, ниту да купувам.

Тој додава дека никој од него не побарал промена на имиња на патишта или аеродром, но ако некој постави вакво прашање, тој е спремен да разговара. Додава дека се уште во преговорите не се разговара за предлози.

-Јавноста знае, но ќе потврдам дека досега сѐ што сме направиле во овој процес е потврдување дека ние сме во суштина подготвени да влеземе во решавање на ова прашање. Не само купување време или одложување, туку мислиме дека до крајот на првата половина од 2018 треба да го искористиме како период погоден за двете земји за да се најде решение. Ако преку медиумите соопштуваме детали од нашите позиции или стратегии како држава, верувам дека нема да придонесеме кон полесно решавање на овој проблем што Грција го има со нашето уставно име, туку верувам дека треба да ја информираме јавноста за текот на процесите, за она што се случува – вели премиерот.

Додава дека очекува конструктивен пристап од опозицијата и дека прашањето за името ќе биде консензуално решевано со учество на сите фактори во државата.

-Јас од средбата со новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, добив на знаење дека генералната тенденција е да учествуваат во Собранието. Веројатно тоа е врзано со некои одлуки што допрва треба да ги носат, поврзани со притворите за пратениците и другите лица. Тоа се нивни одлуки, но јас се надевам дека сепак ќе преовладее одговорноста кон државата – вели тој.

 

 

Поврзани новости