Екс премиерот, Зоран Заев, пет години по Договорот од Преспа во интервју за грчката телевизија„One chanel“, говореше за ратификацијата на меморандумите од грчкиот парламент, за Алексис Ципрас, за изборите во СИРИЗА, војната во Украина, но и за иднината на Западен Балкан во Европската Унија.
За Договорот од Преспа, тој рече дека заедно со тогашниот премиер, Ципрас, направиле чекор напред и го отвориле патот за нова перспектива и подобра иднина за нашите земји.
„Пред пет години, храброста и визијата на тогашните влади на Атина и Скопје ставија крај на тековното горчливо несогласување, воведувајќи нова ера на соработка и регионална стабилност. Со Договорот од Преспа невозможното го направивме возможно. Покажавме дека дипломатијата може да ги надмине конфликтите и поделбите, го ставивме поголемото и општо добро над сопствените интереси. Денес, Северна Македонија е горда и достојна членка на НАТО, сојузник со Грција. Ние споделуваме заеднички визии за безбедност и мир во светот со најголемиот безбедносен сојуз. Договорот од Преспа ја приближи и Северна Македонија до Европската Унија. Благодарение на големата поддршка од Грција и со другите партнери и поддржувачи сме посветени на градење посветла иднина за нашите граѓани и генерациите што доаѓаат“, рече Зоран Заев.
Во интервјуто изрази уверување дека грчката страна целосно ќе го заврши делот од договорот со кој се обновуваат ознаките на патиштата.
За Ципрас и неговата оставка од претседателската функција на СИРИЗА, Заев рече:
„Знаете дека Алексис е мој брат. И ќе бидеме браќа до крајот на животот, бидејќи заедно имавме доволно храброст да ги „пресечеме“ овие бариери меѓу нашите земји и да изградиме братска соработка меѓу Грција и Северна Македонија“.
Додаде дека граѓаните во Северна Македонија и во Грција имаат сличен менталитет, слични традиции, повеќето наши граѓани се православни, разновидна земја сме, имаме и други малцинства во нашата земја, но ние сме овде на Балканот.
„Храброста што Алексис ја покажа на грчкиот народ, на граѓаните на Балканот, на ЕУ и на луѓето од целиот свет ќе го паметиме до крајот на животот и секако, на генерацијата пред нас. Тоа го препозна западниот свет, западниот демократски свет и остатокот од светот. Го гледав како се бори и на последните избори. Тој е многу прогресивен, има многу позитивен карактер и верува во подобра иднина за грчките граѓани и за ЕУ и цел Балкан. Цело време разговарав со него, се обидов да го охрабрам, но во демократијата, на крајот од денот, народот одлучува кој ќе владее. Верувам, како што му кажав, кога една врата се затвора, три други се отвораат. Има и други можности како да се бориме за подобар живот на нашите граѓани, за прогресивни вредности, за западните вредности, за европските вредности“, рече Заев во интервјуто.