Поради интервју со новинар кој се испостави дека е позитивен на Ковид 19, лидерот на СДСМ Зоран Заев замина во домашна изолација, чиј период истекува утре. Со оглед дека забраната за движење стапува во петок и останува активна за време на Велигден, Заев вели дека ќе остане во неговиот дом во Струмица и во следните неколку дена, па после празникот ќе продолжи со вообичаените активности. Тој за Фокус раскажува дека во периодот минат дома ги извршува работните обврски, минува време со семејството, но наоѓа време да прочита книга и да изгледа филм.
-Поминувам доста време со моето семејството. Тоа за мене лично е една придобивка од седењето дома. Семејството е една од најважните работи. Претпладнето го користам најчесто за завршување на работните обврски, со помош на дигиталните платформи и апликации. Секогаш кога е можно се трудам да завршам до 16 часот. Потоа е периодот за дружба со семејството, со моите најблиски. Во текот на вечерта наоѓам доволно време да прочитам некоја книга или да изгледам некој филм.
Читам, би рекол прилично. Следам што се светските трендови, што се проценките на глобално ниво и во однос на здравствената, но и во однос на економската криза што следи – вели Заев.
Тој објаснува дека со помош на современите алатки за комуникација ги извршува обврските и одржува постојана комуникација со членовите на раководството на СДСМ и на Владата.
-Има многу современи алатки за комуникација кои ни се на располагање и може да се завршат обврските онлајн, брзо и ефикасно. Особено што актуелната ситуација налага брзи координации, соодветно на тоа носење одлуки за да може брзо и да се реагира. Во постојана комуникација сум со членовите на раководството на СДСМ, дел од нив истовремено се и членови на владата. Заедно со нив низ консултации, низ споредбени анализи заеднички бараме мерки и решенија кои значат надминување на кризата со корона вирусот, како на здравствен така и на економски план. Редовно ги користиме дигиталните платформи за видео конфренции и онлајн состаноци. Во периодот теренските активности се намалени, но партијата продолжува да функционира. Користејќи ги предностите на технологијата, органите и телата на СДСМ се активни – посочува Заев.
Тој додава дека очекува преземените мерки во борбата против корона вирусот да дадат резултат и да следува период на нормализација, кој, според него, би се случувал постепено.
-Нашата држава навреме реагираше и презеде соодветни мерки веднаш со појавување на првите случаи во земјава. Здравствените институции покажаа сериозен капацитет и досега добро се справуваме со здравствената криза. Сите сме благодарни за здравствените работници, но и за сите кои се борат против корона вирусот. Сите очекуваме овие одговорни чекори што се преземаат, овие мерки да продолжат да даваат резултат, пикот на пандемијата да биде што помал и да влеземе во период каде се повеќе ќе има оздравени од заболени. Верувам дека ќе успееме, по што ќе можеме да размислуваме и за циклус на постепено олабавување на мерките и нормализација. Секако тоа нема да биде наеднаш, како на копче, туку постепено, но за тоа последниот збор ќе го дадат стручните лица – нагласува Заев.
Лидерот на СДСМ апелира сите да бидат одговорни и да ги следат препораките и насоките на здравствените власти, порачувајќи: „Да останеме дома, да одржуваме хигиена и потребна дистанца, и заедно ќе успееме“.
Влатко Стојановски