Заев за Фокус: Фикс е дека ние ќе формираме влада, преку Мицкоски и Николоски говори Груевски!

by Фокус

Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ нудат само обнова на режим и враќање назад во изолација, но граѓаните тоа нема да им го дозволат и на 15 јули ќе гласаат за број 3 и коалицијата „Можеме“, вели лидерот на СДСМ и носител на пратеничката листа во четвртата изборна единица Зоран Заев во мини-интервју за неделникот Фокус.

-Гледајќи ги резултатите од анкетите, но и многу поважно, гледајќи го расположението на граѓаните на терен, немам дилеми дека нашата коалиција ќе оствари убедлива победа на 15 јули. Тоа значи дека оваа предизборна коалиција ќе го предводи парламентарното мнозинство и ќе ја формира идната влада – вели Заев.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС Каква кампања очекувате во рамки на четвртата изборна единица каде ја предводите пратеничката листа на СДСМ? Кои теми и прашања ќе доминираат и ќе се обидете да ги наметнете – здравствената криза, економската ситуација, локалната инфрастурктура…?

ЗАЕВ Изборната единица 4 е доминантно земјоделска изборна единица и природно е оваа тема да биде во фокусот на интерес на граѓаните. Се разбира, ситуацијата со коронавирусот и справувањето со економските предизвици се од интерес на сите граѓани во секое населено место. Нашата кампања промовира решенија, мерки, проекти и идеи. Во директна комуникација со граѓаните, нудиме конкретни проекти за економијата, за земјоделството, за образованието и социјалната заштита, за се она што е важно за граѓаните, за нашата држава, за нашата иднина.

Од друга страна, сведочиме на празна, црна, негативна кампања од страна на ВМРО-ДПМНЕ не само во изборната единица 4, туку низ целата држава. И Христијан Мицкоски и Александар Николоски не нудат ништо позитивно, само напади кон мене, кон СДСМ и кон коалицијата. Кога ќе отворат уста, од нив излегуваат зборовите на Груевски.

Јасна е разликата помеѓу нашите концепти и таа разлика ќе се потврди на 15 јули. Ние нудиме повисоки плати, инвестиции во здравството, поддршка на земјоделците, нудиме раст и развој. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ нудат само обнова на режим, враќање назад во изолација, но граѓаните тоа нема да им го дозволат и на 15 јули ќе гласаат за број 3 и коалицијата „Можеме“, а победата јасно ќе биде изразена и во четвртата изборна единица.

ФОКУС Каков резултат очекувате на изборите и кои се главните фактори кои ќе определат кој ќе победи на изборите, но и кој ќе успее да формира влада? Дали формирањето на владата ќе го диктираат исклучиво изборните резултати или способноста за компромис?

ЗАЕВ Гледајќи ги резултатите од анкетите, но и многу поважно, гледајќи го расположението на граѓаните на терен, немам дилеми дека нашата коалиција ќе оствари убедлива победа на 15 јули. Тоа значи дека оваа предизборна коалиција ќе го предводи парламентарното мнозинство и ќе ја формира идната влада. Распределбата на мандати ќе покаже дали ќе има потреба од дополнително коалицирање со други парламентарни партии.

ФОКУС Во неколку наврати порачувате дека добро е ДУИ е замине во опозиција. Дали верувате дека предизборната коалиција со БЕСА самостојно ќе освои мнозинство во парламентот, или пак можеби преферирате постизборна коалиција со Алијансата за Албанците и Алтернатива?

ЗАЕВ Како што реков, СДСМ е фаворит на овие избори и СДСМ ќе составува Влада, тоа е фикс. Прашањето е со кого дополнително ќе се коалицира. Но, за тоа да го почекаме прво изборниот резултат, има време за коалиции. Во секој случај, колку е нашето мнозинство поголемо, толку следната влада ќе биде постабилна и поуспешна.

СДСМ како партија, со своите политики кои обединуваат, кои водат напред, има најголем коалиционен капацитет. Се разбира доколку ги следат нашите принципи и ги споделуваат нашите визии за тоа каде и каква треба да биде државата во 2024 година, немаме проблем да се приклучат и дополнителни парламентарни партии. На крајот, убавината во демократијата е да имате што повеќе субјекти со различна природа, но со заедничка цел.

ФОКУС Кои ќе бидат главните приоритетни цели во наредниот мандат доколку победите на изборите и формирате влада? На што најмногу ќе се фокусирате?

ЗАЕВ Првенствено ќе се насочиме кон справување со коронавирусот, ќе вложуваме дополнителни пари за да го зајакнеме јавното здравство, за да бидеме уште повеќе подготвени за какви било следни предизвици. Паралелно ќе работиме на обезбедување нови работни места и на раст на платите. Ќе создадеме услови за повторен раст на економијата сличен на оној пред почеток на пандемијата. До крајот на мандатот, ќе ја вратиме нашата економија на солиден и одржлив раст од 4 отсто. Ќе започне прочистувањето на правосудството и ќе ги отвориме поглавјата од преговорите со ЕУ. Ќе се зголеми опфатот на корисници на високата социјална помош и ќе воведеме нови строги контроли и стандарди за заштита на животната средина.

ФОКУС Колку таканаречените „бомби“, односно снимани разговори меѓу бизнисмени, функционери и други личности ќе влијаат врз изборното расположение? Што, според вас, покажуваат овие снимки?

ЗАЕВ Влеговме во период кога прислушувани разговори станаа речиси секојдневние, мотивите за нивно објавување, ги знаат тие кои ги објавуваат. Ние како СДСМ кога имавме докази јавно ги објавуваме. Очигледно е кога некој нема понуда се посветува само на црна кампања, на неосновани напади, на конструирани случаи, како што тоа денеска го прави ВМРО-ДПМНЕ.

Од една страна, за мене се објавуваат некои разговори од ресторан каде сум употребил несоодветни зборови и толку. Или има објавени разговори меѓу трети лица за мене. Но, од друга страна слушаме некои други материјали каде Мицкоски го има главниот збор и зборува за земање пари за сметка на негово противење на правдата, кои отвораат сериозни индиции за криминал внатре во ВМРО-ДПМНЕ, односно за финансирање на кампањата. Слушнавме сите како функционира спрегата Мицкоски-Груевски-Камчев. Ваквите криминални тројки ќе бидат поразени на 15 јули.

Оваа држава има институции и тие треба да отворат истрага, да ги расветлат овие индиции, да поведат истрага и тие истраги да добијат епилог. Ние ќе продолжиме со промоцијата на нашата понуда на мерките од програмата, ќе зборуваме и ќе работиме за новата македонска економија, за членството во ЕУ, за поголеми плати, пензии, инвестиции итн.

Целата сторија во која се обработуваат третата и четвртата изборна единица прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости