Чесно и одговорно е на инвеститорите да им се кажат информациите, изјави премиерот Зоран Заев во врска со тоа што ѝ кажале на шведската компанија „Диаверум“ дека има истрага за центрите за дијализа кои ги купи од македонската фирма „Диамед“.
– Кога јавно обвинителство се обраќа до државните институции кои се под премиерот, како Фондот за здравство и министерство, ние знаеме дека се води истрага и логично е, чесно е, одговорно е, пред било кој инвеститор, па и ваков познат „Диаверум“ од Шведска, да ги знае информациите затоа што должност на државата е да ги каже сите информации ако сакаме да градиме кредибилитет, рејтинг и моќност на привлекување инвестиции. Тоа што сме го знаеле, сме го соопштиле и апсолутно тоа е исклучително чесно и навремено поставено како информација. Луѓето си анализираа си донесоа свои правни експерти, си донесоа одлука, рековме нека им е со среќа, но секако самата истрага не е затворена и тоа ќе има последици од делот на отворање на истрага до делот на затворање. Секако тоа е во надлежност на правосудните органи – рече премиерот.
Заев рече дека веројатно замрзнатите околу 11 милиони евра во Монако се причината што Вера Иванова, која поднесе кривична пријава, отвора вакви постапки, но посочи оти сака пренесе порака.
Во врска со Зоран Милески- Кичеец, со кого Иванова ја прошири кривичната пријава, премиерот рече дека имал средби со него како и со десетици други фирми.
– Со господинот Милески сум имал средби, бил во Владата, сум го кажувал тоа. Многу често беше со фирма која работи рудници во државата, сме разговарале за концесии, сакаат да инвестираат огромни милиони евра во државата и секогаш транспарентно сме ги воделе сите разговори. Кај мене во кабинетот дневно или неделно со десетици фирми правиме средби, било кој да побара средба ние стоиме на располагање – изјави Заев.