Синот на Митко Чавков годинава добил тендери во вредност од над 380.000 евра

by Фокус

Компанијата „Портланд-ОПЦ“ во сопственост на Иван Чавков, син на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков во влада на ВМРО-ДПМНЕ, кој е првостепено осуден на 18-годишна затворска казна поради насилниот упад во парламентот на 27 април, во актуелната 2019 година склучила неколку договори за јавна набавка со институции на локално ниво раководени од функционери на СДСМ, чија вкупна вредност изнесува над 380.000 евра, пишува неделникот Фокус.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, „Портланд-ОПЦ“ периодов склучува два договори со Општина Василево, со тоа што првиот договор е склучен во јули за реконструкција и ревитализација на локалниот пат Ново Владиевци – Сушево во износ од околу 187.500 евра, додека вториот договор е склучен еден месец претходно за градежни работи при изградба на улици во рамки на општината во износ од околу 118.500 евра.

Покрај тоа, компанијата во сопственост на Чавков во април годинава склучила договор со Општина Кочани за бетонирање на пристапни патеки, улици и тротоари во вредност од 56.000 евра, а два месеци подоцна склучила договор и со струмичкото јавно комунално претпријатие за сепариран камен во вредност од 22.500 евра.

Инаку, Министерството за внатрешни работи кон средината на минатата 2018 година поднесе кривична пријава до струмичкото обвинителство за „бесправно градење“ и „узурпација на градежно земјиште во туѓа сопственост“ против „Портланд-ОПЦ“ и две физички лица со иницијали И.Ч. и Т.З., кои одговараат на сопственикот Иван Чавков и поранешниот управител на компанијата Томе Закирски, меѓутоа од обвинителството не добивме одговор каков е епилогот на оваа кривична пријава.

Во сторијата што во целост може да ја прочитате во новиот број на неделникот, кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк, се обработуваат и деловните врски што ги имала оваа компанија при изградба на станбени објекти во Струмица со поранешен партнер на Христијан Мицкоски во бизнисот со хидроцентрали – Драги Василев, но и со братот на премиерот Зоран Заев – Вице Заев.

Поврзани новости