Нашите војници покажуваат еднаквост во партнерството со нашите сојузници и способност заеднички да го гарантираат регионалниот и меѓународниот мир и стабилност, порачува премиерот Зоран Заев во честитката по повод 18 Август – Денот на Армијата.
„На денешен ден во 1943 година на Славеј планина е формиран првиот партизански одред баталјонот „Мирче Ацев“, кој подоцна во Народно ослободителната војна (НОВ) прерасна во војска која ја ослободи територијата на нашата држава, пожртвувано оставајќи печат вграден во темелите и независноста на татковината. Денеска, 76 години подоцна, нашата Армија на највисоко професионално ниво, заедно со војниците на земјите-членки на НАТО, дејствуваат согласно стандардите на Алијансата, учествуваат во меѓународни мировни мисии и даваат свој придонес во зачувување на глобалниот мир и безбедност“, стои во честитката.
Заев додава дека Република Северна Македонија ќе биде идната 30-та членка на НАТО-алијансата, истакнувајќи дека македонските професионални војници и офицери покажаа дека се партнери со нашите сојузници.