Премиерот Зоран Заев смета дека денешната средба со неговиот бугарски колега Стефан Јанев и заедничките напори за воспосвување на атмосфвера на доверба ќе биде дополнително охрабрување заедничката комисија да работи уште поефикасно и да се постигне договор за уште историски личности или периоди. Во еден убав амбиент политички, рече, дури и големите прашања лесно се решаваат.
-Имаме постигнато договор за пет историски личности и за три историски периоди. Впрочем, заедно ги славиме. Нашите двајца претседатели беа во Ватикан и се поклонија пред Свети Кирил и Методиј и заедно го славиме тоа, како што е и Свети Климент и Наум, како што е и Цар Самоил. Таквите успеси треба да не мотивираат да одиме и понатаму затоа што низ овие експертски комисии тие работат на основа на факти и работат на основа на сознанија, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по средбата со Јанев во Софија.
Потоа, рече, треба да следува имлементација и во учебниците затоа што, како што истакна, така ќе ги учиме младите генерации што е историската вистина за која што сме се усогласиле.
Тој додаде дека историјата е многу важна, но оти уште поважна е и сегашноста и иднината.
– Историјата е важна заради тоа што е основа за подобра сегашност и најдобра иднина. Еден паметен човек рекол за да ги отвориме прозорците на иднината мораме да ги подзатвориме малку вратите на минатото. Не да ги затвориме, да ги подзатвориме оти во спротивно ќе се јави промаја која што ќе ја издува сегашноста, а и посебно иднината. Ние им должиме иднина на младите и на децата и треба да работиме на таа иднина, нагласи премиерот.
Тој одговараше и на новинарско прашање дали постои можност земјава да го отвори уставот и во преамбулата да биде ставен и бугарскиот народ.
-РС Македонија прeд членството мора да го отвори Уставот и наш став е сите помалку бројни народи во нашата држава да бидат впишани, вклучително и бугарскиот, хрватскиот народ не е впишан – имаме хрватска заедница и други заедници кои што ги немаме. Нашиот Устав е создаден 1991 година и тогаш е создаден покрај македонскиот, албанскиот народ, впишани се и Бошњаците и Србите, и Турците, и Власите и Ромите и вика и другите народи, така што ако сакаме да бидеме земја членка на ЕУ треба да имаме европски устав во којшто по примерот на една Хрватска на пример ќе ги впишеме и другите народи, истакна премиерот на прес-конференцијата во Софија.