Заев за BBC: Кому му е гајле дали ќе не викаат Северна Македонија или Јужна Македонија кога ќе бидеме официјално признаени

by fokus

Премиерот, Зоран Заев, рече дека не стравува за својата иднина, за својата безбедност, ниту пак за неговата политичка кариера, во интервјуто за политичката емисија Hard Talks на BBC, на прашање од новинарката дали стравува за својата безбедност откако националистите во Македонија го прогласија за предавник.

Заев ги покажа лузните на лицето кои ги доби од демонстрантите на 27 април.

-Помина една година од тоа. Нашата земја се смени. Тука има противници на Договорот, дека сум ја предал историјата, сум го предал името. Но договорот на внимателен начин го признава идентитетот, а факт е дека сме на северот од територијата Македонија. Битно е дека ќе седиме заедно на маса со Велика Британија, САД, Германија во НАТО алијансата, ќе имаме наше место, таму ќе има наше знаме, ќе бидеме еднакви. Не се плашам за мојата иднина, ни физички ни за политичката кариера. Тоа е сензитивно и болно прашање, но обезбедува добра иднина за моите граѓани – рече Заев.

Заев изрази убеденост дека референдумот ќе помине успешно и дека граѓаните ќе изберат промена на уставното име, затоа што, рече тој, анкетите покажуваат дека 75 отсто нив се за НАТО и ЕУ.

На забелешка од новинарката дека сепак на последните парламентарни избори ВМРО-ДОМНЕ доби повеќе гласови, а партијата смета дека Договорот е неуставен и незаконски, Заев рече:

-Да точно е дека не обвинуваат дека Договорот е незаконски. Но ова е склучен договор и го има мојот потпис и потписот на министерот за надворешни работи. Ќе има референдум, на кој граѓаните ќе се изјаснат – рече тој.

Пред британските гледачи Заев се пожали и од претседателот Ѓорге Иванов затоа што одбива да ги потпише Договорот и Законот за јазици.

-Тој применува нови правила, како џебно вето што не е предвидено со нашиот Устав. Се надеваме дека адвокатите во Македонија ќе најдат начин да ја отстранат оваа блокада која ја наметнува Иванов, зошто вака ако продолжи може да ги блокира сите закони – посочи тој.

Заев ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека направила голема штета на државата изминативе години, особено во делот на меѓуетничките односи.

Прашан за спомениците од проектот „Скопје 2014“ рече дека сигурно нема да се дислоцира „Александар Македонски“, затоа што Владата не планира да троши дополнително пари за тоа.

-Историјата е причина зошто сме заглавени во овие 27 години, учиме од минатото дека мора да бидеме фокусирани на иднината. Александар Македонски ја имал големата Македонија, а ние ја имаме нашата Македонија. Сакаме да изградиме добри односи со Грција, базирани на пријателство и без територијални претензии – додаде тој.

Заев призна дека е загрижен дали Договорот ќе биде ратификуван во грчкиот парламент, затоа што многу партии се противат на истиот.

-Реакциите на опозициските партии во двете земји се идентични, како копи пејст. Се обидувам да го убедам Мицотакис дека има различни толкувања на поимот македонски кај нас и кај нив. Да му даде шанса на договорот. Наше официја име ќе биде Република Северна Македонија, ќе им испратиме писмо на сите земји од Обединетите нации дека имаме Договор со Грција и дека имаме ново име. Тоа ќе биде името за официјална употреба. После тоа на кого му е гајле дали ќе не викаат Македонија, или Северна Македонија. Официјално ќе бидеме Северна, и се што е договорено со Грција ќе биде имплементирано. Грците добија ерга омнес име, ние добивме ерга омнес идентитет – посочи тој.

 

Поврзани новости