„Војната во Украина е и војна на вредностите. Или поточно, руска војна против европските и демократските вредности. Но, и наша битка против ужасот, конфликтот, режимот и автократијата“.
Ова го рече поранешниот македонски премиер Зоран Заев на Корчуланската школа за тинк-тенк организации.
Тој вели дека од аспект на Украинците и нивните политички и воени лидери, тоа е војна против агресорот, борба за заштита на нејзиниот суверенитет и територија, но исто така и војна на вредности и битка меѓу демократијата и автократијата.
„Станува збор за идеолошка војна на слободата и неслободата, односно тоталитаризмот, како два концепти врз основа на кои се уредуваат демократските, отворени и слободни општества и затворените, заробени диктаторски општествени заедници“ порача Заев.
Смета дека слободниот демократски свет не може да биде нем сведок на таа војна, како што не е неутрален набљудувач и на конвенционалната војна и на борбата на украинскиот народ за својата татковина.
„Затоа ние, актерите, застапувачите на слободата и на демократијата, мора да го дадеме нашиот придонес и во поддршката на Украина во војната на вредностите. Треба да се направи сѐ што е неопходно демократските сили на Украина да ја поразат симболиката на вертикалната хиерархија на автократска Русија. Таа победа ќе биде и наша победа. Спротивно, поразот во војната на вредностите, којашто како таква не се одвива само на територијата на Украина, ќе биде пораз на слободарските, отворени општества“ – рече Заев.