Премиерот Зоран Заев, во својство на сведок во случајот „Титаник” денеска во Кривичниот суд Скопје, зборуваше за неговите сознанија за изборните нерегуларности во 2014 година вршени од тогашната партија на власт ВМРО-ДПМНЕ.
– Центрите за социјална помош беа злоупотребени, тие шетаа со списоци од примателите на социјална помош и ги закануваа примателите на социјална помош дека доколку не гласат за партијата на власт социјалната помош ќе им биде прекината. Шумската полиција правеше притисок на луѓето кој имаа договори за сеча дека доколку не гласат за ВМРО-ДПМНЕ, договорите за сеча ќе им бидат укинати, изјави сведокот Заев.
Тој посочи дека сите нивни реакции се достапни на интернет, односно истакна дека и УЈП, Пазарна инспекција, Финансиска полиција и други вршеле притисок врз правните субјекти за да тие точно докажат дека гласале за ВМРО-ДПМНЕ. Заев, исто така рече дека за сите овие забелешки на опозицијата го информирал тогашниот претседател на владата Никола Груевски (обвинет во ,,Титаник”), но тој ниту јавно не реагирал.
На прашање на бранител на одбраната дали сте ги пријавиле наведените случаи, тој рече дека околу 150 пријави во тоа време ги доставиле до надлежните институции (ДИК, обвинителства, до министерства), но според него никој ништо не постапил, ниту некој реагирал по однос на тие пријави.