Прилепчани добија еколошки и поевтин градски превоз. Со 60 милиона денари од локалниот буџет, градот набави четири нови автобуски за градскиот превоз на метан, што беа пуштени денеска, во присуство на премиерот Зоран Заев.
Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, автобусите не само што ќе обезбедат еколошки градски преоз, туку и двојно поевтин и ќе се грижи, главно за здравјето на граѓаните.
– Првпат не само во Прилеп, туку и во нашава држава, воведуваме автобуси во градскиот превоз на метан. Тие се современи, со највисоки стандарди „Еуро 6“ како што прилега на модерно општество кон кое сите се стремиме. Овие нови четири автобуси се еколошки, ќе користат метан кој не само што е во прилог на екологијата но е двојно поевтин од нафтата. На пример, ако автобусите на нафта дневно трошат околу 100 евра, овие автобуси на метан ќе трошат околу 40 евра дневно. Автобусите се набавени со средства од локалниот буџет. Зедовме четири, а плативме само еден и во наредните три години ќе се отплаќатт другите три автобуси. И тоа без кредит, без камата и без дополнителни трошоци, рече Јовановски.
Премиерот Зоран Заев потенцираше дека се радува на, како што вели, овој голем еколошки зафат на Прилеп со којшто воедно се испорачува и порака за еколошка заштита на сите градови.