Премиерот, Зоран Заев, во придружба на неговата сопруга Зорица Заев, го отвори 25-то издание на меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“. Во обраќањето пред присутните премиерот истакна дека новата Влада го поддржала организирањето на неколку манифестации во Струмица што биле игнорирани од претходната власт, затоа што со Општината не управувал градоначалник од нивните редови.
-Ја исправаме повеќегодишната неправда кон Струмица и овие манифестации, кои добиваа безначајни средства и беа речиси игнорирани само поради тоа што доаѓаат од град, со кој раководеше политичка опција спротивна на онаа која 11 години владееше со нашата земја. Новата влада, донесе и нов пристап во поддршката на културата. Еднаков старт за сите иницијативи. Квалитетот, иновативноста, инклузивноста, модерниот израз и јавниот интерес се само дел од критериумите. Непринципиелните привилегии, партиски обоените фаворизирања и протекциите во културата, се минато – рече Заев.
Тој на струмичани им го честита државниот празник Ден на независноста.
-Дозволете ми на крајот, уште еднаш да се навратам на радоста за двојното празнување вечерва. Го празнуваме театарот и актерот и нивната слобода со почетокот на годинешниот Фестивал на камерниот театар, и нашиот државен празник – Денот на независноста, 8 септември – додаде Заев.