ВМРО-ДПМНЕ ја обвини Канал 5 за непрофесионалност, телевизијата им го честита 8ми септември

by fokus

Од партијата ВМРО-ДПМНЕ реагираа на прилог во вестите на Канал 5 телевизија затоа што пратеникот Ферид Мухиќ, на јавноста и бил „продаден“ како независен експерт, велат од таму. Од телевизијата, пак, возвратија со честитка до нив по повод Денот на независноста на Република Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Мухиќ во својот настап се обидел да ја релативизира, како што велат, предавничката и криминална улога на раководството на СДСМ. Од таму велат дека Канал 5 изрежирала анкета на смислено одбрани граѓани кои ќе покажат еднакво незадоволство од сите политичари.

Во својата реакција од телевизијата ги демантираат овие обвинувања и велат дека Мухиќ бил потпишан како независен пратеник.

„Сметаме дека неоснованите обвинувања за наш обид за продажба на пратеник како експерт се смешни. Шокантно е пак обвинувањето дека наводно сме направиле таргетирана „анкета“ при што наводно сме „обезбедиле“ лица кои ќе ги изедначат сите политички чинители. Дополнително ова тврдење за некаква „нарачана“  анкета, не само што е паушално и неосновано, туку е крајно непознат принцип за нашето работење. Како што во изминатите години не сме правеле никакви таргетирани анкети, така ќе продолжиме и понатаму, се во интерес на граѓаните на Република Македонија. Честит 8ми септември“, одговорија од таму.

Поврзани новости